Живкица Каленикова: Даријан е вистински дар, во вистинско време
Даријан ме омекна, ме исполни комплетно, ни дари толку среќа и радост во нашиот дом и сите работи по него веќе се чинат споредни. Детето е нешто за што станувате доживотно одговорен и нешто што ве прави најбогат човек на светот. Сега имам една сосема нова, поинаква енергија, желба и елан за работа и нови проекти.
Да се биде мајка со полно работно време е едно од највисоко платените работни места, бидејќи плаќањето е чиста љубов. Живкица Каленикова, нашата позната и ценета радио и телевизиска водителка, автентична и препознатлива во етерот по брзиот говор и „остриот јазик“, особено карактеристично за квизот „Најслабата алка“, сопруга и мајка на петмесечниот Даријан, за читателите на „Бебе магазин“ споделува дел од своето искуство како родител, говори за малите стравови, но и новите очекувања, поврзани токму со периодот од нејзиното „зреење“ кога пред неа е предизвикот од најважната улога во животот на секоја жена.
Среќна и задоволна од божјите благодати, Живкица вистински ужива во моментите кои ѝ ги пружа мајчинството и семејниот живот и сосема ја потврдува суштинската нитка во филозофијата за среќен и исполнет живот, а тоа е дека - децата се најголемиот дар од Бога, а со нив сѐ е многу посилно, подлабоко и поемотивно. За промена на професијата не размислува во моментов, но размислува за „нови правци“ во поглед на работата, кои засега остануваат тајна.
Што ви се смени во животот откако го добивте Даријан и дали нешто ви недостига од времето пред да станете мајка, кога, сепак, работите ги организиравте на малку поинаков начин?
-Даријан дојде што би се рекло како вистински дар од бога во вистинско време, од таму малку и инспирација за неговото име, со сопругот Зоран и тоа како посакувавме да ни се надополни семејната среќа и тоа се случи. Мајчинството го доживеав како највозвишено чувство досега и навистина не биле залудни сите муабети околу тоа колку тоа те менува. Мислев дека е само муабет, но не било така. Додека не почувствуваш навистина, не можеш да знаеш. Даријан ме омекна, ме исполни комплетно, ни дари толку среќа и радост во нашиот дом и сите работи по него веќе се чинат споредни. Јас работев до последниот ден, со него немав воопшто мачна бременост. Го снимав квизот „Најслаба алка“ за Алфа ТВ, работев во радио и можам да речам дека работата воопшто не ми недостигаше во периодот по породувањето, напротив одлично ми дојде.
Дали, барем за миг, се уплашивте од обврските кои ве очекуваат кога дознавте дека очекувате бебе?
-Кога дознав дека сум бремена беше исклучително емотивен момент, исполнет со испреплетени чувства на радост, возбуда од непознатото, спознанието дека во вас расте живот, дека ќе имате поинаква одговорност, дека повеќе не сте сами, ќе бидете одговорни и за нешто толку мало искрено невино и прекрасно. Во одредени моменти чувствувате страв, за сѐ да биде во ред. Се прашувате, каков родител ќе бидете, но, кога ќе дојде на светот тоа мало човече, повеќе од сигурни сте дека тоа е една многу силна, нераскинлива врска и дека ништо од таа љубов не е поважно.
Како го поминавте транзицискиот период од личност која што долги години напорно работи во освојување на медиумскиот простор, со изграден профил на ценета, активна и автентична водителка на повеќе успешни проекти, до мајка која во моментов седи дома и се грижи за своето бебе?
-Повторно ќе речам, јас сите овие години бев навистина активна, и секогаш моето време беше максимално исполнето. Сметам досега успеав да се докажам во мојата работа. Последниот ангажман или водењето на светски познатиот лиценциран проект, квизот „Најслаба алка“, беше уште еден дел од сето тоа, но, во животот сметам дека треба баланс и дека треба да се реализирате и на приватен план. Мене со Даријан ми се случи токму тоа, и воопшто не почувствував дека сега треба да седам дома, условно речено, и воопшто не ме фати паника по тоа прашање. Напротив, одлично ми дојде сето ова. Сега имам една сосема нова поинаква енергија, желба и елан за работа и нови проекти.
Како ви изгледаше првата средба со Даријан, се сеќавате ли која мисла најпрво ви помина низ глава?
-Првата средба со Даријан нема никогаш да ја заборавам, а како да го заборавите тој прекрасен момент што сте го очекувале девет месеци. Конечно, го имате во прегратка тоа беспомошно мало човече кое е нераскинлив дел од вас, нешто што е плод на љубов, го гледате и си мислите „Ова е нашето бебе“. Имаше солзи радосници, гушкање, можеби звучи по малку патетично, ама навистина е неповторливо тоа чувство кога ќе излезе дел од вас. Нешто за што станувате доживотно одговорен и нешто што ве прави најбогат човек на светот.
Како ви поминува еден вообичаен ден со синот и со сопругот?
-Веќе фативме некаков ред, Даријан има пет месеци и веќе може да знаете што да очекувате за да си направите ред во денот. Сопругот, кој е морам да признаам многу зафатен, обидувајќи се да ни овозможи убав живот, се обидува секој слободен миг да го помине со нас. Стануваме и обично се подготвуваме за прошетка, времето е с$ уште многу убаво и задолжително правиме тура со Даријан низ парк, на кеј, на кафе со пријателки, тазе мајки, кои ги имам многу во последно време, потоа се прибираме да си приготвиме ручек и задолжително јадеме заедно. Обврските околу Даријан се секогаш на прво место, а навечер од кога ќе го избањаме и заспиеме, со сопругот се обидуваме комплетно да си се посветиме еден на друг.
Бебе магазин