Мајките кои што се посветени и секогаш тука за своите деца , имаат многу причини да се стремат кон долг и активен живот. Но, понекогаш се толку многу опседнати со грижата за своите најмили така што често го запоставуваат своето здравје.

Мали и едноставни промени во однесувањето можат да придонесат многу.

Заштитете ја својата положба

Дали вашите први болки се појавиле во бременоста, држејќи го во прегратка вашето бебе, работејки на компјутер или читајќи му приказни? Може повторно да се појават болки во грбот, вратот, рамената, дури и синдром на карпалниот тунел што се докажува со пецкање, вкочанетост и болки во рацете и зглобовите.

Ако ја согледате причината која го предизвикува тој проблем, ќе видите дека тоа најчесто е вашата положба на телото, вели Естер Гокхеил, специјалист за болки во грбот во Пало Алто, Калифорија.

Земете го седењето за пример. “Не само предолгото седење, претставува начин на седење” вели Гокхеил. Седењето со рацете заоблени нанапред- како мајките кога дојат и положбата на компјутерските работници –ги компресира нервите и дисковите во ‘рбетот и оневозможува проток на крв до помошните мускули.

Учењето на правилно седење со рамената исправени наназад и отворени гради, “не само што превенира болки во грбот, туку на мајките кои дојат може да им помогне да го подобрат доењето и да спречат појава на маститис“.

Ако сте мајка која дои, користете перниче за подршка на бебето за време на доењето, така што ќе ви помогне да седите исправени наместо да сте свиткани нанапред.

Секако можете и да ја освежите својата положба: кога стоите, истегнете го телото нагоре колку што е можно повеќе со помош на основните абдоминални мускули. Движете ги рамената нагоре и надоле и “вовлечете ги ребрата, а не карлицата,, како што вели Гокхеил- што значи буткајте го градниот кош назад кон `рбетот”.

Намалете ја тежината по породувањето

Доколку во текот на бременоста сте јаделе зa двајца, а сега повеќе не го правите тоа, вишокот килограми може да останат.

Вишокот на килограми не се добри за вашето здравје, ниту пак за долговечноста. Според истражувањата на Американскиот онколошки институт, ако имате вишок килограми во средните години (студијата опфатила 500,000 луѓе на возраст од 50-71 година), зголемена е можноста на смртност за 20-40% . Друга студија, пак покажала дека зголемената тежина може и да ве заштити од некои состојби, но повишениот ризик од кардиоваскуларни заболувања останува.

За среќа, и сосема мало намалување на тежината може да биде од корист. Студиите покажуваат дека со намалување на телесната тежина за само 5-10% се намалува и крвниот притисок, холестеролот, ризикот од дијабетис како и кардиоваскуларните заболувања.

Затоа почнете полека и без преголемо воздржување од храна. Со намалување на само 100 калории дневно може да постигнете намалување на тежината за 4-4,5кг за време од една година. Колку се 100 калории? Не многу , ако се земе предвид дека една лименка кока-кола има 140 калории, а едно чоколадо повеќе од 200.

Чувајте ги забите и непцата

Во период кога имате безброј родителски обврски лесно е да се заборави на стоматолошките прегледи и одржување на забите. На крајот, нели имате многу поголеми грижи од тоа?

Сепак, грешите. Не само што заболувањата на непцата придонесуваат на губењето на забите, туку предизвикуваат и срцеви проблеми.

Студиите направени на Американската академија за пародонтологија докажуваат дека оралните бактерии од заболените непца можат да го зголемат ризикот од срцеви заболувања, а дури и да предизвикаат мозочен удар. Всушност, кај луѓето кои имаат заболувања на непцата, кај нив е поголем ризикот и од коронарни заболувања.

Овие состојби се многу почести кај жените, поради хормоналните промени кои настануваат во текот на бременоста, за време на доењето и во перименопаузата. Студија во магазинот за пародонтологија покажала дека 23% од жените на возраст од 30-54 години имаат напредни заболувања на непцата.

А секако, постојат и други причини поради кои вреди да се чуваат забите здрави: секако, сакате да го бакнете своето дете со свеж здив и да му се насмевнете со бисерно бели заби.

Депресија

Многу од жените во првите месеци по породувањето патат од постпородилна депресија, најчесто предизвикана од хормонални флуктуации за време на бременоста и доењето, како и од стресот од новите одговорности и промена на животните навики.

Еве што се случува: депресијата ви се прикрадува кога сте најмалку свесни за тоа, со симптоми на некои други состојби. На пример, ако сте подолго време лишени од сон, не можете јасно да ги забележите симптомите, па летаргичната состојба, уморот и чувството на преплавеност ги препишувате на исцрпеноста, пред да сфатите дека се работи за сериозна болест.

Исто така и стресот е предизвикувач на депресија, па ако чувствувате голем притисок поради фактот дека треба да се вратите на работните обврски или се соочувате со повеќе одговорности, ризикувате да западнете во депресија. Потребно е да обезбедите целосна подршка од семејството и пријателите, бидејки периодот на социјална изолација исто така може да придонесе за депресивната состојба.

Спијте подолго

Да се биде родител и ненаспан – тоа се две работи тесно поврзани меѓусебе. Но што ако претходно сте знаеле дека недостатокот од сон предизвикува здравствени проблеми, вклучувајќи ги и добивањето на тежина и намалување на меморијата?

Еве неколку начини да бидете понаспани и да го подобрите квалитетот на спиењето во времето што ви е на располагање.

  • Придржувајте се до распоредот на спиење: одете во кревет и будете се секој ден во исто време, почитувајќи го распоредот колку што е можно повеќе.
  • Спијте во затемнета просторија, без вклучен телевизор и останати електронски направи. Светлоста на екранот е поврзана со несоница и лош сон.
  • Обезбедете замена во будењето – и ако е на вас ред да спиете, искористете го тоа максимално.
  • Нека спиењето ви биде приоритет, дури и да треба да ги оставите валканите садови за следното утро. По ноќниот одмор ќе бидете и поефикасни.
  • Дремнете кога е тоа возможно. Не секој го може ова, но добро е. Одморот после ручек е особено корисен- одморете се 20 минути за да се освежите и сите ќе ја почувствуваат полезноста од вашата обновена енергија.

Танцувајте

Движете се, и со тоа не само што согорувате калории, туку го штитите и вашето срце и белите дробови, а истовремено ги зајакнувате и мускулите. Танцувањето е активност која им одговара на мајките затоа што може да се практикува во било кое време и на било кое место, а може да се забавувате и со своите деца. Само пуштете музика и брзо ке ги забележите резултатите.

Луѓето кои редовно вежбаат (тука спаѓа и брзо одење) го продолжуваат својот живот за повеќе од една година, а оние пак кои навистина интензивно вежбаат, го продолжуваат животот за приближно 4 години. 30 минутно умерено вежбање, пет дена во неделата, исто така помага во заштитата на срцето.

Внимавајте на “белата”храна

За среќа, демонизацијата на јаглехидратите е надмината, па можете опуштено да уживате во целиот пченичен тост. Сепак, направете му услуга на вашето тело одбегнувајќи ги “белите” намирници, т.е. оние кои содржат рафиниран шеќер или бело брашно.

Зошто? Затоа што рафинираниот шеќер може да придонесе во голема мера за појава на воспаленија во телото преку процесот на ослободување на слободните радикали и да го забрза стареењето.

На жените, посебно им се препорачува да го ограничат внесот на шеќер на 100 калории , или 6 кафени лажички дневно. (тоа не се однесува на шеќерот кој што го содржат овошјата, зеленчукот, целите зрна или млекото).

Наместо тоа, внесувајте производи направени од цели зрна, како на пример од пченица, трици и овес. Уште подобро, особено ако сте осетливи на глутен, или на пченичен протеин, употребувајте јачмен или просо. Тие се лесно сварливи и помагаат во регулација на шеќерот во крвта неколку часа по внесувањето.

Протегнувајте се почесто

Постои причина зошто јогата често ја препорачуваат лекарите и другите стручни медицински лица. Ја зголемува флексибилноста, што е еден од десетте начини да се чувствувате и да изгледате десет години помлади.

Не мора да сте совршени во практикувањето на јога, за да постигнете видливи резултати.

Секојдневно пет минутно протегнување на телото може да превенира од болки во вратот, грбот и рамениците, како и од посериозни проблеми, велат експертите.

Не пропуштајте ги редовните контролни прегледи

Не ни помислувајте да го прескокнете годишниот преглед на вашето бебе – но кога последен пат сте биле вие на преглед? Се разбира, многу е повозбудливо да се следи развојот на вашето бебе, отколку самите да посетите лекар, бидејќи и вашето здравје е подеднакво важно. Сфатете го тоа како и непходното сервисирање на автомобилот од кој очекувате да ве превезе 200,000 км.

Потрудете се барем еднаш во годината да ги направите неопходните проверки на крвниот притисок, холестеролот и останатите можни проблеми, што ќе ви помогне да го зачувате здравјето. Некои прегледи се од животна важност и за вашето бебе.

Контролните прегледи се разликуваат и зависат од возраста на пациентите, но подолу ќе наведеме неколку тестови кои најчесто се прават. Сепка посоветувајте се со вашиот доктор и проверете кои од нив се соодветни за вас:

  • Крвна слика со проверка на нивото на холестеролт и масти во крвта.
  • Крвен притисок.
  • Контрола на шеќерот во крвта.
  • Скрининг за проверка од рак на дојки (и покрај контроверзните нови насоки на контролните прегледи, многу лекари во примарната здравствена заштита препорачуваат преглед на дојките еднаш годишно за жените над 40 год).
  • Вагинален преглед и ПАП тест. Се препорачува ПАП тестирањето да се повторува на секои 2-3 години, во зависност од вашето здравје.
  • Скрининг на тироидната жлезда за проверка на нејзината активност која може да делува на намалување или забрзување на метаболизмот.

Внесувајте доволно плодови од градината

Ако конзумирате по едно јаболко на ден, на добар пат сте. Колку повеќе овошје, зеленчук, јаткасти плодови и мешунки ќе вклучите во исхраната, толку подобро.

Зошто? Затоа што природните супстанци наречени антиоксиданси кои се наоѓаат во оваа храна делуваат како природна заштита на вашиот организам. Помагаат при неутрализирање на штетните слободни радикали, кои што ги создава нашето тело во процесот на разградување на храната што ја внесуваме, при стрес или под влијание на опкружувањето во кое живееме.

Храната која содржи антиоксиданси вклучува: бобичасто овошје и црн грав; авокадо, крушки, јаболки (со лушпа); сладок компир, спанаќ, брокули; ореви и бадеми; зачини како ѓумбир и цимет; од пијалоците зелен чај, кафе и црвено вино и секако црното чоколадо.

Соработка со: Bebe Boom