По породувањето со царски рез, како и секоја нова мајка, најверојатно ќе се чувствувате еуфорично и совладано од бебешкиот лик што ќе го држите во вашите раце. Опоравувањето од операцијата ќе почне полека, а вие ќе бидете зафатени со типичните постнатални ситуации, како што се набрекнатите гради, промени во расположението и вагинален секрет.

Мајките, породени со царски рез, во болница остануваат вообичаено пет дена. Но, нивното опоравување трае повеќе од неколку денови, а може да поминат и неколку недели пред да почнат да се чувствуваат навистина добро. Затоа добродојдена ќе им биде секаква помош и грижа околу нив и нивното бебе.

Ако имате и други деца, тие може да се почувствуваат по малку напуштено, поради тоа што сте биле отсутна неколку дена и згора на тоа се враќате со ново бебе. Планирајте дека кога ќе се вратите дома навистина ќе би биде потребна голема помош.

ГАДЕЊЕ И ЈАДЕЖ ПО ПОРОДУВАЊЕТО

Откако ќе престане дејството на регионалната аналгезија, новата мајка добива системски лекови, обично таблети, кои содржат опојни дроги и можеби ацетаминофен. Може да помогне и ибупрофенот, исто така.

Во секој случај, доколку имате болка и не се чувствувате пријатно, побарајте да ви се даде некој лек. Едноставно, не треба да страдате во тишина, и што подолго чекате да го примите лекот. Така, болката потешко ќе се контролира болката. Доколку лекот не ви делува, известете ја медицинската сестра. Ако таа не може да ви помогне, побарајте да ве прегледа акушер или анестезиолог. Колку поудобно се чувствувате, толку полесно ќе се одвива доењето, но и вашето закрепнување.

Веднаш по операцијата може да се чувствувате уморна, но и да ви се гади. Гадењето вообичаено трае до 48 часа, но постојат и лекови кои можат да ја намалат оваа непријатност. Многу мајки, исто така, чувствуваат јадеж по целото тело, особено оние кои добиле наркотици во епидуралната или спиналната анестезија.

Доколку планирате да доите, може да почнете веднаш по операцијата, секако ако млекото ви надошло. Доењето може да биде предизвик во првите денови по царскиот рез поради болката при заздравување на раната. Пред подојот побарајте од сестрите удобно да ви го сместат бебето во скут за да не се појави болка во брадавиците.

СМЕЈТЕ СЕ СО ПЕРНИЦА

Може да чувствувате вкочанетост и болка во пределот на резот, а лузната ќе биде малку поткрената, подуена и потемна од вашиот природен тен. Се што ќе создава каков било притисок врз стомакот веројатно ќе ви создава бол-ка, особено во првите неколку денови, но потоа веќе нема да имате проблеми и ќе се чувствувате подобро. Резот од операцијата покријте го со рака или со перница во случај на кашлица, кивавица или кога се смеете.

Како и секоја штотуку породена жена, ќе имате вагинален исцедок, кој се состои од крв и излупено ткиво од обвивката на матката. Во првите три или четири дена, исцедокот ќе има светло црвена боја.

Треба да добиете правилни инструкции за тоа како да кашлате и за некои вежби за дишење со кои ќе ги проширите белите дробови и ќе ги исчистите од каква било акумулирана течност, што е особено важно ако царскиот рез се одвивал со општа анестезија. Ова ќе го намали ризикот од пневмонија. Ако се е во ред, во рок од 12 часа по операцијата се отстранува уринарниот катетер.

Може да се појават гасови кои ќе ви создаваат болка и надуеност во текот на првите два дена, бидејќи цревата се слаби по операцијата. Предвид доаѓаат и лекови кои овозможуваат полесно да се истуркаат гасовите, а можат безбедно да се земаат и при доење.

Мајките треба да се охрабруваат да станат од кревет дента по операцијата. Во почетокот и одењето во тоалет може да изгледа како невозможна мисија, но движењето е важно за полесно и побрзо закрепнување. Тоа помага да се подобри циркулацијата и ја намалува веројатноста од развој на згрутчување на крвта. Движењето ја зајакнува утробата и помага да се чувствувате подобро.

Исто така, многу е важно да се уринира редовно. Полниот мочен меур ги намалува контракциите на матката и го зголемува притисокот врз раната. Веќе вториот ден, ќе треба да направите мала прошетка со помош на вашиот партнер или со сестрата.

Во текот на три до четири дена, докторот најверојатно ќе го отстрани конците од раната, освен ако не се користат такви кои сами се распаѓаат. Тоа трае неколку минути и може да чувствувате мало штипкање, но не и болка. Потоа, ако сите сте добро, ќе бидете испуштени од болница.

ГРИЖА ЗА РАНАТА

Кога ќе дојдете дома очекувајте дека ќе ви биде потребна помош, и тоа многу. Најверојатно ќе добиете рецепти за лекови против болки кои можеби ќе треба да ги користите и цела недела.

Научете како да се грижите за резот од операцијата и заштитете го од инфекции. Треба да пиете многу течности за да избегнете запек. Третманот на резот ќе потрае неколку недели. Побарајте медицинска помош доколку се јават знаци на инфекција, како топлина, црвенило или оток во пределот на резот, треска (дури и ако резот изгледа добро) или доколку се јави ненадејна болка.

Како што изминува времето, вагиналното крварење и празнење треба да се намали, иако тоа може да трае и до шест недели.

Постепено бојата на исцедокот треба да се смени од светло црвена до розова, а потоа да стане жолто-бела боја. Ако постои менструално крварење првите четири дена по породувањето или месечниот циклус се враќа забавено, јавете му се на вашиот лекар.

Иако одморот е од суштинско значење, движењето и редовните прошетки се исто така, многу важни. Одењето помага да се спречат компликации, како што е згрутчување на крвта. Но, сепак, не треба да се претерува.

Полека и постепено зголемувајте ја активноста. Бидејќи се опоравувате од голема абдоменална операција, некое време може да се чувствувате болно. Во период од осум недели избегнувајте тешка домашна работа и кревање нешто што е потешко од вашето бебе.

Од шестата до осмата недела ќе може да почнете да практикувате некои умерени вежби, но чекајте додека докторот не ви даде зелено светло. Со сексуалните односи може да продолжите по шестата недела, ако се чувствувате добро и расположено.

ПОСТПОРОДИЛНА ЕМОТИВНА КРИЗА

По породувањето со царски рез, кај мајките се јавуваат различни емоции, така што тешко е да се предвиди нивната реакција. Може да се чувствуваат разочарани доколку посакувале вагинално породување. Но, може и да не им е грижа за тоа како се породиле доколку се појавиле одредени компликации и единствено се загрижени за здравјето на бебето.

Некои жени по царскиот рез чувствуваат олеснување, други се вознемирени дека сепак завршиле на нож, трети имаат измешани чувства. Некои жени велат дека се чувствуваат помалку како жени, бидејќи им било потребно оперативно породување. За многу жени, породувањето, без разлика дали е вагинално или со царски рез, не е тоа што тие очекувале. Ако се сомневате за неопходноста од операцијата, консултирајте се со вашиот лекар. Не заборавајте дека сите мајки во постнаталниот период имаат различни емоции, без оглед на тоа како се породиле.

Постпородилната депресија е многу честа појава и доколку навистина се чувствувате тажно, побарајте помош.

Исто така, не е непознато и чувството на фрустрација доколку опоравувањето од породувањето трае подолго време. Бидете трпеливи. Со текот на времето, ќе се чувствувате подобро и целосно ќе уживате во животот со вашето бебе.

КАКВА ЌЕ МИ БИДЕ ЛУЗНАТА?

Во почетокот, лузната ќе биде малку поткрената, подуена и потемна од останатиот дел од вашата кожа, но значително ќе се намали во рок од шест недели по операцијата.

Како што ќе се лекува и третира резот, така лузната се повеќе ќе одговара на бојата на вашата кожа. Додека раната зараснува, можна е појава на сврбеж.

Лузните од царскиот рез обично се прават многу ниско на стомакот. Ниско поставената лузна на крајот може да биде сокриена од вашите срамни влакна и воопшто да не се забележува под долната облека.