Одредени вируси или бактерии предизвикуваат воспаление на слузницата на синусите па доколку детето нема развиено појак имунитет, воспалението може да се прошири и до синусите.

Воспаление на синусите кај децата не е безопасна болест и за неа треба да добро да се информираме. Синусите се шуплини кои се наоѓаат во челната коска на лицето, позади носот. Тие се полни со воздух и споени се со слузницата на носот. Врската помеѓу носот и синусите мора да биде проодна, односно низ неа треба да циркулира воздух. Шуплините од внатрешната страна се прекриени со слузница која е подложна на инфекции, исто како ислузницата на устата или грлото.

Тоа значи дека воспалението на слузницата на синусите е предизвикано од вируси или бактерии, кои обично се наоѓаат на слузницата на носот или грлото. Ако детето нема доволно јак имунолошки систем и ако е слабокрвно, тогаш воспалението може да се прошири до синусите. Воспалението на синусите ретко се јавува како основна болест и обично настапува по долготрајно воспаление на слузницата на горните дишни патишта или пак поради несоодветно лечење.

Како се манифестира оваа болест

Детето кое има воспаление на синуси е бледо и има потечено лице, особено на капаците од очите и носот, како и честа појава на зголемена телесна температура. Други симптоми се отежнато дишење па поради тоа често дише преку уста, потоа затнат нос, или спротивното, обилна секреција од носот. Најчесто исцедокот од носот е густ со темно-жолта или зеленкаста боја. При воспаление на предните (челните) синуси, можна е појава на интензивна главоболка. Доколку пак се зафатени максиларните (вилични) синуси, тогаш се јавува болка на јаболкниците.

Поставување на дијагноза

Дијагнозата најчесто се поставува според изгледот на детето и според лабараториските анализи. Зголемена е седиментацијата, т.е. вкупниот број на леукоцити. Доколку има потреба се зема бриз од слузницата на носот за да се утврди причината на восполението, или се прави рентген снимка на синусите.

Можни компликации

Освен слузницата на синусите, воспалението може да се прошири и на самата коска која ги дели синусите, и да предизвика сериозна компликација. Во најлош случај, воспалението на синусите може да се прошири и на ткивото на мозокот кое се наоѓа во непосредна близина, што е опасно по животот на детето.

Лекување

Терапијата се состои во давање на антибиотици кои кај полесните случаеви се даваат орално, а кај покомплицираните случаеви потребно е детето да се лекува во болница и при тоа да му се даваат антибиотици во вид на мали инфузии, четири пати во денот. Освен тоа, детето треба да се лекува со инхалации два пати дневно, да става капки за нос четири пати на ден за намалување на отокот во носната празнина. На тој начин се врши еден вид на дренажа на синусите од внатрешноста на носот кон надвор. Пожелно е да се прават и чести инхалации со камилица. Лекувањето трае до седум дена. Треба да запомните дека детето кое има вакво воспаление мора да внесува многу течности.

Помош од различни специјалисти

Во многу ретки случаеви неопходно е да се изврши пункција на синусот со дебела игла, со цел да се извлече содржината од него. Доколку постои некое жариште на инфекција која предизвикува често воспаление на горните дишни патишта (процес на забите или вилиците, хронично воспаление и зголемен фаринкс или двата крајници), тогаш е потребно да се посоветувате со стоматолог и доктор за уво, грло и нос, за да се направи интервенција за отстранување на тоа жариште. Ако детето има дијагностициран синузит, тогаш е потребно да се применат сите четири наведени методи на лечење (лекување со антибиотици, инхалација со медикаменти, инхалација со камилица и капки за нос) за побрзо лекување. Постојат и случаеви кога воспалението на слузницата на синусите се јавува како облик на алергија. Тогаш детето е потребно да се лекува кај педијатар односно алерголог.

Соработка со: Bebe Boom