Успешни мајки - доктор Адела Стефанија

Мајчинството е најубавото чувство што може една жена да го доживее, а усогласувањето меѓу кариерата и детето е посебна приказна. Апсолутно не треба да постои никаков страв и дилема во поглед на тоа дека кариерата ќе им оневозможи да бидат добри мајки, ќерки и сопруги. Ако се сака, се се може, со тоа што мораме да ги усогласиме обврските, кариерата и семејството.

Пред жените во светот, а особено во нашата земја, се уште стои тешка дилема пред изборот – професионален успех и лично задоволство од една или задоволно семејство и испочитувана традиција, од друга страна. Голем број жени не го наоѓаат одговорот на оваа дилема, плашејќи се дека ќе доживеат неуспех. Едно е сигурно дека со цврста верба во себе и поголема решителност, патот кон успехот секогаш се отвора. Но, по некое правило, за каков и да било успех и постигнување, потребно е „дебело“ да се плати. Жените кои тоа го знаат уште на почетокот, подобро поминуваат, а се чини дека нашата соговорничка, д-р Адела Стефанија, повеќе од добро се носи со сите животни предизвици кои ја прават единствена, голем и почитуван професионалец, посветена мајка, сопруга и човек кој не повлекува рачна во кариерата, поради грижата како ќе избалансира помеѓу работните и семејните обврски. Таа е специјалист по гинекологија на одделението за пуерпериум, на државната Клиника за гинекологија.

Како реализирана жена со успешна кариера, мајка и сопруга, што мислите дека е ваш најголем личен успех досега?

- И покрај сите проблеми во приватниот и професионалниот живот успеав да воспоставам рамнотежа помеѓу сите обврски и семејството. За тоа морам да се заблагодарам на безрезервната поддршка што во секој момент ми ја дава моето семејство. По природа сум амбициозна и сметам дека го немам постигнато максимумот во однос на професијата и мислам дека со одбраната на мојот докторат и со стекнување на титулата доктор на науки, ќе можам да го крунисам професионалниот успех. Тука морам да истакнам дека кариерата се гради со години и најсреќен момент е кога се задоволни пациентите од успешно завршеното лекување и кога и да се сретнеме подоцна, во каква било пригода, те поздравуваат со насмевка и со убав збор.

Колку е тешко да се биде жена посветена на професија, како што е вашата и во исто време да се биде мајка? Како ги усогласувате кариерата и мајчинството?

- Во поглед на тешкотијата да се биде жена посветена на професијата, морам да нагласам дека не го сфаќам тоа како тешкотија, туку како задоволство. Љубовта кон професијата е огромна, но љубовта кон детето е немерлива и не може да се опише со зборови. Во секој случај, не е толку едноставно истовремено да се биде и добра мајка посветена на своето дете, бидејќи самата професија бара многу одрекувања, многу непроспиени ноќи и денови надвор од семејството. Во почетокот е малку потешко додека се усогласат одредени правила, но понатаму сето тоа е една голема трка помеѓу кариерата и семејството. Мајчинството е најубавото чувство што може една жена да го доживее, а усогласувањето меѓу кариерата и детето е посебна приказна. Во многу наврати детето е она што ме тера да се чувствувам убаво, исполнето и полна со енергија, многу побрзо да ги завршам работните обврски за да можам да се посветам на мојата ќерка. Тука, сепак, ќе ги споменам и моите најблиски, кои во одредени моменти знаат да ми забележат, доколку има промена во плановите поврзани со мојата работа. Но, тоа е само краткотрајно. Познато е дека мојата професија не знае, ниту бира временски период, многу пати се случува само што ќе дојдам дома, повторно да морам да се вратам на работа.

Додека ќеркичката Ви беше помала, како се носевте со сите обврски што ги имавте, притоа, мислам на домашните обврски и на оние интелектуалните, бидејки професијата доктор бара постојано и континуирано усовршување?

-Додека Михаела беше помала, беше поразбрана и не ми замеруваше за моите отсуствувања. Имав начин, и ветував дека ќе и надоместам за се, но, како што станува поголема така е поголем бројот на прашања од нејзина страна, за кои некогаш е тешко да се најде одговор соодветен за нејзината возраст. Уште од нејзина најмала возраст знаеше дека мама мора многу да работи, за да има среќно детство. Во однос на сите обврски, вклучувајќи ги домашните, секогаш сум имала бебиситерка и жена која се грижела за домаќинството. Во однос на интелектуалното, секогаш сум ги чекала празниците или годишните одмори, за да можам релаксирано да прочитам некоја книга надвор од професијата. Професијата доктор, за жал, бара постојано и континуирано усовршување, следење на нови светски трендови поврзани со новините во медицината, со медицина базирана на докази, читање најнова медицинска литература, учество на конгреси, симпозиуми, состаноци во земјата и надвор. Сето тоа бара многу време, патувања, отсуства од дома и финансиски средства. Заради тоа, само би се насмеала и би кажала дека сето тоа сум се трудела да го компензирам со купување на љубовта на моето дете преку различни подароци, а со сево ова ќе се сложат и сите други мајки кои градат кариера.

Бебе Магазин