Есента пристигна и сите и се радуваат. Учениците поради тргнувањето во училиште, а оние помладите поради преминувањето во нова “поголема“ група, а најмладите во јасли. Меѓутоа ги има и оние на кои им е првпат па им е потребна поддршка. За децата на кои ова ќе им биде прв пат, им советуваме на родителите да се подготват за плачење, драматични ситуации кога плачат не само децата туку и родителите кога ќе ги остават, а потоа го слушаат плачот и врискањето на нивното дете. Всушност ова е тешко доживување за сите. Низ главата на детето поминуваат различни мисли, каде е сега мама, зошто ме остави со овие непознати луѓе, што ќе биде сега, кој ќе дојде по мене....

А и родителите, најчесто мајќите ги мачат прашања, дали воспитувачките ќе знаат што му е потребно на моето дете, дали ќе го нахранат, како ќе му пријдат другите деца, што ако некој го удри....

Се ова може да биде помалку драматично ако полека го подготвувате своето дете, му зборувате и го запознавате со новоста која го чека. Децата треба да ги носите во парк, кај пријатели, да го запознавате со други деца, макар се многу мали со тек на времето ќе разберат што им зборувате.

Многу е важно да се запознаете со воспитувачката која ќе се грижи за вашето дете, треба да ја запознаете со навиките и карактерот на вашето дете, со болестите ако евентуално ги има. Покрај редовните формулари кои ги пополнувате при запишувањето, разговарајте и бидете отворени со воспитувачката, бидејќи тоа е прилика да ја прашате се што ве интересира.

За првите денови во градинка одвојте неколку дена, зашто детето постепено се навикнува и така прво останува саат два, додека останувањето постепено се продолжува. Тоа секако зависи од детето и неговата подготвеност за градинката. Задолжително носете некоја омилена играчка зашто таа ќе го потсетува на домот. Доаѓајте по него во договореното време и немојте да го изневерите. Кога се разделувате нека биде тоа со насмевка и немојте да го лажете. Прилагодувањето на детето на градинката може да трае неколку дена, дури и месец а некогаш и подолго. Тоа всушност е прилагодување на новата средина, на воспитувачката, на децата, на новиот ритам за спиење кој детето треба да го прифати, на хранењето... Сето тоа досега го правела мама, блиските роднини, баба. Детето понекогаш може да реагира бурно, да несака да јаде, да спие, да биде плачливо па дури и агресивно. Многу е важно родителите да знаат дека сето тоа е нормално и ќе помине.

Како и за се ново што не чека во животот (освен некои изненадни ситуации), најдобро е да се подготвите. Разговарајте со децата, за се што се случува во градинката, смејте се на таа тема, зборувајте за новите другари, новите игри и играчки. Немојте да се грижите за коментарите кои ги слушате околу вас, имате право да се грижите за вашето дете и поделете го тоа со пријателите кои имаат слични искуства.

Енци Менци Дел од Вашето Семејство!