Промените на стапалата се помеѓу првите нешта кои ги забележуваат родителите и најблиските кај новороденчињата. Тоа е разбирливо бидејќи овие промени се лесно видливи и забележливи. Токму заради тоа родителите се често пати збунети дали е се во ред со стапалата на детето.

Положбата на стапалата на новороденчињата најчесто е резултат на положбата на бебето во матката. Таквата положба продолжува и по раѓањето така што стапалата постепено ја добиваат својата нормална положба во однос на потколениците. Најчесто, корекцијата на стапалата настапува спонтано и веќе кон крајот на првите шест недели од животот на бебето таа потполно се нормализира. Меѓутоа, во некои случаи кога долните екстремитети на детето биле екстремно притиснати во некоја неприродна положба, периодот на нормализација на стапалата може да трае и подолго. Доколку новороденото при раѓање има ваква екстремно променета положба на стапалата родителите се советуваат редовно да спроведуваат вежби на стапалата со кои се овозможува побрза и полесна корекција. Корективните вежби на стапалата се изведуваат неколку пати на ден, тогаш кога бебето е релаксирано и без примена на сила. Нивна цел е да се искористи периодот на зголемена еластичност на структурите на стапалото, пред се, лигаментите и мускулите, и да се постигне максимален ефект во што пократок период. Со редовно вежбање стапалата брзо и лесно завземаат нормална положба.

За разлика од промените на стапалата кои се резултат на нивната положба во матката и кои релативно брзо и лесно се корегираат, стапалото претставува дел од телото кај кој се јавуваат чести аномалии. Овие аномалии се резултат на вродени промени на скелетот, мускулите и нервите на стапалото и претставуваат сериозен проблем кој мора да се лекува. Една од најчестите промени на стапалото е вроденото криво стапало. Оваа аномалија е една од најчестите аномалии на мускуло-скелетниот систем, и секако најлесно видлива. Неприродната положба е лесно забележлива исто како и фактот дека обидот за мануелна корекција на ваквите стапала не успева да постигне нивна нормализација. Со други зборови, така променетите стапала се нееластични, тие се ригидни и нивната корекција изискува сериозно лекување.

Вроденото криво стапало, иако вродена аномалија на стапалото, може да се открие уште интраутерино. Современите апарати за ултрасонографија на трудници како и искуствата на гинеколозите кои се занимаваат со таа проблематика, овозможуваат откривање на овој деформитет уште пред раѓањето на детето. Предноста на ваквата пренатална дијагностика е во тоа што родителите имаат можност да се едуцираат и да се подготват полесно да се соочат со проблемите на лекувањето на кривото стапало.

Кај децата со вродено криво стапало лекувањето започнува веднаш по раѓањето. Во првите неколку дена тоа се состои во интензивни вежби на стапалото чија цел е да се постигне корегирана положба на стапалото. Дури и кога е возможна корекција на стапалото додека се изведуваат вежбите, веднаш по нивното прекинување стапалото си ја завзема својата првобитна положба. Но, и покрај тоа, вежбите треба да се спроведуваат бидејќи тие овозможуваат растегање на сите скусени структури на стапалото и тоа во периодот кога се тие најеластични. Веќе по една недела вежбите се заменуваат со поставување на гипсани чизмички, кои се менуваат на неколку дена, и чија цел е да задржат определена корекција на деформитетот. Корегирањето на стапалото оди постепено, со редовно менување на гипсаните чизми, и на тој начин се овозможува негова постепена нормализација.

Откако положбата на стапалото ќе се нормализира со ваквиот начин на лекување, корекцијата се задржува со натамошна примена на ортопедски помагала од типот на пластични лонгети и специјални чевлички. Целта на овие помагала е да ја одржи корекцијата на стапалото до моментот додека детето не застане на нозе и не прооди. Детето треба да има корегирано стапало во периодот кога ќе застане на нозе. Доколку тоа не е возможно да се постигне со примена на овие методи на лекување и доколку е стапалото толку сериозно деформирано, негова корекција се постигнува со примена на хируршки третман.

Лекувањето на вроденото криво стапало не е едноставно. Тоа претставува постојана борба со природата, се додека детето расте. Можноста за враќање на деформитетот претставува опасност се додека не заврши растот на детето. Радоста од првите чекори со здрави и нормални стапала е најголемата награда за таа борба.