Инфекциите на органите за дишење се меѓу најчестите здравствени проблеми кај децата, а вообичаено започнуваат со течење на носот. Овие инфекции се најчести во есен и зима, но може да се појават и во текот на целата година. 

Вообичаено станува збор за вирусни инфекции кои најлесно се шират на места каде што престојуваат поголем број на деца, т.е во градинките и училиштата.

Покрај растеченото носе, на почетокот како симптоми на оваа инфекција се јавува и грепкање или болка во грлото. По неколку дена може да се појави кашлица заради слевањето на секретот од носот кон грлото. Зголемената температура, исто така е знак дека организмот на детето се бори со вирусна инфекција.

Во ваков случај, родителите треба да бидат трпеливи и да дозволат во прво време природните одбранбени механизми да дејствуваат. Според педијатрите, температурата до 38ОC не треба да се намалува. Во наредниот период треба внимателно да се следат состојбата и изгледот на детето.

Покрај вирусната инфекција, кај некои деца може да се појави и бактериска инфекција. Доколку детето и по поминати три или четири дена не закрепнало и изгледа се поомалаксано, тогаш најверојатно станува збор за бактериска инфекција. Тогаш треба задолжително да посетите лекар.

Бактериските инфекции се лекуваат со антибиотици, кои секогаш мора да бидат препишани од лекар, а дозирањето е во зависност од телесната маса на детето. Антибиотската терапија секогаш треба да се спроведе до крај, односно не треба да ја прекинете ако мислите дека на детето му е подобро. Меѓутоа, не е препорачлива честа примена на антибиотици, па затоа е најдобро да се преземат мерки за воопшто да не дојде до бактериска инфекција. Прв чекор е зајакнување на имунитетот, особено кај оние деца кои се посклони на настинки.

Природни начини на зајакнување на имунитетот се и најефикасни. Тоа подразбира правилна и здрава исхрана, богата со витамини и минерали, доволно спиење и редовен престој во природа. Како поддршка за зајакнување на имунитетот се препорачуваат и одредени препарати кои се на растителна база.

Соработка со: Bebe Boom