Посебно внимание треба да се посвети на негата на папочето. За тоа ви се потребни стерилни компреси и октанисеп спреј (мало пакување).

    Остатокот од папочната врвца треба да се негува се додека не падне, а папочната рана додека потполно не зарасне (додека не се засуши). Негата треба да се спроведува 2 пати дневно, најдобро е наутро и навечер, а најмалку еднаш дневно, или дополнително доколку газата е валкана или се намокрила од урина. Основна цел е што побрзо засушување на остатокот од папочната врвца и превенција од инфекција. Остатокот од папочната врвца се суши брзо, за 3-4 дена, а за одприлика 7-10 дена отпаѓа. Папочната рана обично зараснува до крајот на втората недела од животот. Негата на папочето не го боли бебето.

    Најнапред ги подготвуваме сите потребни работи да ни бидат на дофат на рака. Старата газа ја одстрануваме, а потоа со чисти компреси чиј крај го натопуваме со октанисепт внимателно ја чистиме околината на раната, т.е. кожата околу папокот и дното на папокот. Потоа со лесно притискање, со влажната газа го чистиме остатокот од папочната врвца што ќе потикне побрзо сушење. На крајот октанисепт во спреј го нанесуваме на папочната рана и остатокот од папочната врвца, а со нова, чиста и сува стерилна газа ја заштитуваме раната. Иако денеска постојат фластери свилени или хартиени, бебешката кожа е сеуште многу осетлива, и подобро е газата да се прицврсти само со работ на бенкицата. Работ на пелената е добро да се спушти (превитка) така да биде под подрачјето на папокот како би го спречиле навлажнувањето на папокот со урина.

    Таквата нега се спроведува се додоека остатокот од папочната врвца не одпадне, и понатаму додека папочната рана потполно не зарасне. Во тој период бебето нетреба да се бања во када, како раната не би се навлажнила. Доколку се сомневате дека раната започнува да се влажи и се сомневате на инфекција, обратете се кај својата патронажна сестра која ќе ја прегледа и исчисти раничката.