Родителите често не се сигурни кога е правото време кога треба да очекуваат да се појават бебешките запчиња и која е нивната динамика на растење.
Најчесто првото запче на бебето му се појавува кога тоа ќе наполни 6 месеци. Тоа најчесто е долното централно забче. Кога ќе почнат да растат, новите забчиња се појавуваат во просек секој месец. Така да до првиот роденден вашето бебе ќе има од прилика 6 запчиња.Која е нормална динамика на растење на бебешките заби?
Кога бебето ќе наполни 6-7 месеци прво ќе му пораснат четирите централни заби (два долни и два горни секачи). Потоа околу 8-миот месец ќе му пораснат и останатите четири странични секачи.
Четирите катника се појавуваат во периодот од 10-тиот до 14-тиот месец од староста на бебето, а пак после нив следни растат уште четири очника (3-ка), тоа е во период од 16-тиот до 20-тиот месец. Последни ќе пораснат четирите катници во период од 24-тиот до 30–тиот месец.
Овој редослед на појавување на бебешките заби е најчест, но мора да знаете дека сите бебиња се разликуваат. Кај некои бебиња и после десетиот месец може сеуште да нема пораснато ниту едно запче, а пак други да се родат со едно или пак две забчиња.
Моето десет месечно бебе сеуште нема ниту едно запче, дали се е во ред со неговиот развој?
За разлика од телесното растење и развој, растот на забите не зависи од тоа дали детето добро се храни и дали е здраво – забите се појавуваат кога е вистински момент за тоа. На некои бебиња првото запче не им расте се до првиот роденден, но тоа не значи дека тие заостануваат со нивниот развој.
Доколку посетите заболекар, ќе се уверите дека забите постојат во бебешката вилица и дека ќе се појават во вистински момент.
Моето бебе има запче уште од кога е родено, дали тоа запче треба да се извади?
Мал број на бебиња се раѓаат со заби. Доколку забот се клати тој мора да се извади за да не се случи бебето да го голтне. Празнината од извадениот заб ќе остане се до моментот кога ќе треба да порасне постојан заб, а пак тоа е некаде во школските денови. Но доколку забот е цврст во тој случај не треба да претставува никаков проблем.
Како да знам дека на бебето ќе почнат да му растат заби?
Во основа, не треба да имате поголеми проблеми околу растењето на забите на вашето бебе, се до растењето на катниците кога кај бебето може да се јават некои од следниве симптоми:
- мал пораст на телесната температура – тоа може да се јави непосредно пред пробивањето на забот;
- ќе воочите доза на нервоза и нерасположение кај бебето, нема добро да спие и ќе бара дополнително внимание ден или два. Доколку бебето не престанува да плаче, тогаш посетете го вашиот лекар.
- непцата на бебето може да добијат темно розева боја и да бидат малку отечени.
Моето бебе се што ќе дофати со раце, става во уста. Дали тоа значи дека ќе почнат да му растат заби?
Бебешкото џвакање на се што ќе дофати не е знак дека на бебето ќе почнат да му растат заби, тоа е мислењето на поголем број експерти. Тие кажуваат дека тоа е еден од стадиумите за оралниот развој кај детето.
Како да ги намалам “проблемите” поврзани со растот на забите?
- Дајте му на бебето корка од леб да ја џвака.
- Исто така може да помогне, а во исто време е и доста забавен за џвакање, гумен прстен кој предходно добро треба да биде оладен во фрижидер. Ладното секогаш ја намалува болката. Немојте прстенот да го преливате со мед.
- Нанесувајте специјален гел кој е наменет за бебешките непца. Гелот има исто дејство како и ладен гумен прстен кој е наменет за џвакање.
- Доколку се ова не успее, посетете го вашиот лекар.
Соработка со: Bebe Boom