Во случај кога мајката нема доволно млеко, да бебето и покрај доењето сеуште е гладно, потребно е да се прихранува но само во договор со педијатар.

Пред да се донесе одлуката за прихранување, секогаш се советува мајката да направи тест за проверка на количината на нејзиното млеко. Тестот се изведува доста едноставно, на начин кој ќе биде објаснет во текстот.

Времето на изведување на тестот е во попладневните часови, кога мајката има најмалку млеко, поточно, 2,5-3 часа пауза после претходното доење. Мајката ќе подготви еден стерилизиран сад во кој ќе се измолзи од двете дојки, 15 минути пред времето за доење. Пред измолзувањето рацете и дојките треба да ги измие со топла вода и сапун. Млекото кое го добила од измолзувањето треба да го истури во шишенцето на бебето и да ја измери количината. Ова млеко треба да е топло (температурата на телото) и не треба да се вари, туку да му се даде на бебето.

Количината на млекото е пресудна во одлуката за прихранувањето.

Всушност, потребите за млеко за еден оброк се следни:

    • 2 месеци: 100-120 мл
    • 3 месеци: 130-150 мл
    • 4 месеци: 150-180 мл
    • 5 месеци: 180 мл и повеќе

 

Доколу мајката заклучи дека во шишето нема доволно млеко, а покрај тоа се утврди дека бебето слабо напредува во телесната тежина, потребна е прихрана со друго млеко.

Постојат две основни правила во прихранувањето на бебето кон кои треба да се придржувате: на бебето треба да му дадете да цица од двете дојки, а после тоа да го прихраните со адаптирано млеко. При првото давање на адаптирано млеко количината не смее да биде поголема од 50 мл, а времето на давање да биде најдоцна до 16 часот, поради несаканите реакции.

Подоите се дополнуваат во текот на првите 6-8 недели од животот, а после оваа возраст постепено оброкот целосно се заменува со адаптирано млеко. Најпрво треба да се замени најслабиот подој, обично попладневниот или вечерниот.

За изборот на адаптираното млеко треба да се консултирате во советувалиште за здрави деца кое се наоѓа во секој детски диспанзер или во советувалиште за исхрана кое постои само во некои здравствени домови.