Пред многу години кога во семејствата имало повеќе деца, родителите не биле во можност да размислуваат дали постои љубомора околку нивните деца. Родителите имале многу повеќе работа околу куќата, бидејќи тогаш немале централно греење, немале машини за перење алишта и садови…

Денеска големите семејства станаа реткост, но затоа љубомората на постарите деца во однос на новиот член на семејството е се поизразена.

Современите родители коишто го чекаат своето второ дете треба да прифатат дека љубомората на постарото дете е нормална појава, а пак отсуството на љубомора може да укажува на некои проблеми во семејството.

Многу често со доаѓањето на второто дете во семејството целосното внимание на родителите (а многу брзо и на сите повозрасни членови на фамилијата) се пренесува врз новиот член на семејството.

Додека пак постарото дете без разлика на возраста треба да се навикне на новата ситуација, бидејќи тоа сега веќе не е во центарот на вниманието. Најважно е да сфатите дека самото дете сеуште не може да види разлика помеѓу него и новороденчето, па доколку вие не му посветувате доволно внимание, тоа нема да бира начин и средства како да го привлече вашето внимание.

Како да го подготвите постарото дете за приновата што ја очекувате во вашето семејство?

Обрнете внимание на малите деца на улица, појдете на гости кај пријателите кои имаат бебе. Нека постарото дете се запознае со нив, а исто така можете и вие да му раскажувате како изгледа да се има новороденче. Покажете му слики или некоја снимка кога и тоа било бебе, како и тоа неможело да зборува, оди и како се учело чекор по чекор.

Освен тоа, многу е важно да му кажете како бебето расте во стомакот. Појдете заедно да ги купите неопходните работи за новороденчето и полека можете да го учите детето да биде самостојно, се разбира во зависност од неговите години.

Секако посветете подеднакво време и на едното и на другото дете. Се разбира дека околку новороденчето ќе треба да поминувате повеќе време, но со помош на вашиот партнер и со добра организација се е возможно. Договорете се со сопругот додека вие сте со новороденчето, тој да се дружи со постарото дете и обратно. Освен тоа помошта од најблиските пријатели и роднини секогаш е добредојдена.

Како детето ја изразува љубомората?

Понекогаш детето се лути што мајката повеќе време поминува околу пресоблекувањето, капењето и негата на новороденчето… Во тој случај можете постарото дете да го задолжите да биде ваш мал помошник, да ви ги додава пелените, кремите и на тој начин да направите и тоа да се чувствува важно и гордо при што полесно ќе може да го прифати неговото помало братче или сестриче.

Што да правите кога постарото дете покажува дека е љубоморно?

Користете убави прекари за двете деца (едното нека биде маче, другото глувче), но најважно е да не се збуните на кого сте му го дале кој прекар. Неколку месеци пред да се породите тргнете ги играчките со кои постарото дете веќе не си игра, а пак за кој планирате во иднина да му ги дадете на новороденчето, бидејќи постарото дете може да се лути зашто неговите играчки ги подарувате на новиот член без негова дозвола.

Доколку детето спие со вас, немојте да го селите од вашиот кревет непосредно пред доаѓањето на новиот член, тоа направете го неколку недели или месеци пред или после доаѓањето на приновата.

Бидете искрени кон детето и немојте да му кажувате дека уште од почеток ќе може да си игра со неговото братче или сестриче, него кажете му дека тоа на почеток само ќе јаде и ќе спие. Исто така кажете му дека ќе ви биде потребна неговата помош за да можете да се грижите околу новороденчето.

Пронајдете доволно време за сите деца, па доколку е потребно повикајте помош од бабите, дедовците, тетките…

Соработка со: Bebe Boom