Честото менување пелени е најдобар услов да се заштити бебето од појава на пеленско црвенило, кое главно се 

повлекува после три-четири дена. Во поразвиена фаза може да се создадат ранички на кожата, а доколку не се лекува на време, се остава простор да се развие и габична или бактериска инфекција. Осипот може да се јави и како резултат на чести течни столици, примање антибиотска терапија и алергија на некои видови храна.

Речиси на сите бебиња одвреме-навреме се случува да им се зацрвени газето, а најчеста причина за осипот е иритација на кожата од урината и столицата во бебешките пелени. Станува збор за болест на кожата кај малите деца кои користат пелени, па оттаму доаѓа и називот пеленско црвенило или пеленски дерматитис.

Светло црвен точкест осип е првата фаза на инфекцијата, а речиси секогаш следува лупење на површинскиот дел од кожата. Доколку болеста се развие, може да се создадат ранички, како соголени островчиња на кожата.

Докторите велат дека доколку со лекувањето не се почне навреме, се остава простор да се развие габична или бактериска инфекција, која од површината на кожата продира во нејзината внатрешност.

Кожата на новороденчињата и доенчињата е тенка, површинскиот слој е чувствителен, а тоа ја прави поподложна на иритација. Пеленската регија е посебно осетливо подрачје, бидејќи е постојано изложена на дејството на урината и изметот, топлина, влага и триење со пелената кои предизвикуваат црвенило. Разградените продукти на урината и столицата при продолжен контакт со нежната бебешка кожа може да го оштетат површинскиот слој кој станува погодна подлога за размножување бактерии, габички и инфекција - објаснува таа.

Понекогаш, дури ни најдобрата нега не може да ја спречи појавата на пеленски дерматитис. Овој осип, исто така, може да се јави како нус појава од пролив, а  многу ретко како алергија од храна и од растење заби. Резултатите од некои истражувања покажуваат дека пеленскиот дерматитис се јавува многу поретко кај бебињата кои се дојат, за разлика од оние кои се на вештачко млеко.

Пеленското црвенило најчесто се јавува во втората половина од првата година на детето, а најчесто помеѓу деветтиот и дванаесеттиот месец. Може да се јави и подоцна, особено доколку бебето предолго носи пелени.

Колку време е потребно да се развие осипот зависи од кожата на бебето, но некогаш е доволно и само една вечер за да се јават сите знаци на болеста.

ГЛАВНА ПРИЧИНА - НЕРЕДОВНО МЕНУВАЊЕ ПЕЛЕНИ

Речиси се е кажано во зборот пеленски дерматитис. Главната задача на пелените е да ја впијат урината (но, и да ја задржат столицата) додека не се сменат. Тоа значи дека не би требало да има контакт на урината и столицата со кожата на бебето. Сепак, доколку тој контакт се случи, па уште и ако потрае, тогаш киселите продукти на урината ќе го нагризат површинскиот слој на нежната бебешка кожа.

Како најчеста причина за појавата на пеленски осип, според докторите е нередовното менување пелени или некомплетното чистење на кожата од остатоците од столицата и урината.

Осипот може да се јави како резултат на чести течни столици, примање антибиотска терапија, алергија на некои видови храна, најчесто тоа е цитрусното овошје. Тогаш се јавува во вид на црвен прстен околу анусот. Понекогаш причина може да биде воведување на цврста храна во исхраната, од некои хемиски материи во пелените за еднократна употреба, како на пример натриум полиакрилат кој течноста во пелените ја претвора во гел. Можна причина за осипот се и заштитните кремови и влажните марамчиња кои се користат во секојдневната хигиена - истакнува докторката.

Амонијакот од урината во комбинација со бактериите и ензимите кои ги има повеќе во течните столици имаат иритативно дејство на кожата, која на допир е болна и топла.

ПРОВЕТРУВАЊЕ НА БЕБЕШКАТА КОЖА

Првиот чекор што родителите би требало да го направат штом ќе забележат црвенило е сушење на кожата. Продорот на влагата подлабоко во кожата го забрзува воспалителниот процес, па проветрувањето на бебешката кожа под пелените е прва задача за родителите. Што повеќе без пелени, тоа подобро. Постелнината треба да се менува почесто, а после бањата и чистењето на кожата треба да се користи фен, секако, нежно и внимателно низ прсти и од далеку, така што врелиот воздух да не удира директно во веќе иритираната бебешка кожа.

Најдобра превенција од пеленски осип е често менување на пелените, измивање со млака вода која се впива со тапкање со мека памучна ткаенина, а потоа се остава газето целосно да се исуши. Да се избегнува употреба на влажни марамчиња, а доколку се користат да се внимава тие да бидат непарфимирани, без алкохол и на база на природни билни екстракти. Потоа, се нанесува тенок слој на крем што ја заштитува кожата од дејството на влагата и оневозможува допир со штетните материи. Пелената за еднократна употреба треба да биде со големина што одговара на килажата на детето и да не биде премногу стегната за да се овозможи циркулација на воздух под пелената. Ако се користат платнени пелени, тие треба добро да се исплакнат при перењето зашто хемикалиите од детергентите можат да предизвикаат пеленски осип. При воведување на дополнителна исхрана продуктите да се додаваат по една на неколку дена за да може да се забележи доколку има алергиска реакција.

Заштитниот крем, покрај компонентите кои обезбедуваат лесно мачкање и впивање, треба да сожи барем две важни состојки цинк оксид и пантенол. Тие ја забрзуваат епитализацијата – обновувањето на оштетената кожа, а тоа е клучната фаза во борбата со пеленскиот дерматитис. По неколкудневниот комбиниран третман со сушење и вистински заштитен крем, веќе се познаваат знаци на подобрување, а по уште неколку денови, инфекцијата се повлекува.

Доколку родителите ги преземат сите потребни мерки, а после три до пет дена нема никакво подобрување, треба да се побара лекарска помош. Тогаш постои голема веројатност дека осипот напредувал и дека се случила дополнителна инфекција на кожата, која што бара посебен третман. Освен тоа, треба веднаш да се појде на лекар и доколку по прекинот на лекувањето (бидејќи бебешката кожа веќе изгледа добро), повторно се забележат знаци на осипот.

Прекумерното мачкање со масни креми е бесмислено кога постојат впивливи и квалитетни пелени. Тоа било некогаш потребно кога се користеле памучни пелени и тогаш дебелиот слој на кремот требало да не дозволи пробивање на урината до кожата. Подебел слој на заштитен крем се препорачува да се нанесе пред спиење, бидејќи тогаш пелените поретко се менуваат.

Еден од најдобрите начини да го исчистите бебешкото газе без бањање е на памук да се нанесе малку хранливо масло со што ефикасно се отстрануваат трагите од урината и фекалиите, а во исто време на бебешката кожа и се пружа потребната нега.

ТРЕТМАН СО КРЕМИ ОД НЕВЕН И ЦИНК ОКСИД

Како дел од третманот за справување со пеленскиот дерматитис се препорачува измивање на газето со млаз млака вода веднаш откако бебето ќе ја изврши физиолошка потреба, а притоа заболеното место да не се брише, туку кожата да се остави да се исуши на воздух, односно детето да се остави подолго време без пелена, за раничките да можат побрзо да заздрават.

Пред да се стави новата пелена се нанесува слој на крем, најдобро медицински на база на невен кој има силно антивоспалително и антибактериско дејство и ја забрзува регенерацијата на клетките од оштетената кожа. Добро делуваат и кремите со цинк оксид кој ја суши кожата, витамини А, Д и Е, ланолин. Во случаи кога пеленскиот осип е проследен со покачена телесна температура, има појава на гној и оток на кожните промени, проширување на осипот и на други делови на телото, или пак, се јавил во првите 40 дена од животот на бебето, треба веднаш да се побара лекарска помош. Кај оние деца кои имаат често пеленски осип, треба да се смени видот на пелените или заштитните креми што се користат, поради евентуалната преосетливост кон нивните составни материи.

Енци Менци ја препорачува Chicco интензивна крема со цинк.