Фазата на одбивање и негатива е една од развојните фази во животот на детето. Тоа значи дека фазата е минлива но исто така значи и дека следи друга фаза. Меѓутоа, брзината на минување на овие фази и бурноста на следните во голема мера зависи од родителскиот став и однесување кон детето.
Еве неколку совети од педагозите – како да се справите со вашите деца, кога ќе ви речат “несакам”:
Семафор “несакам”
Вашето дете има право нешто да несака, но на возраст од околу 2 години веќе започнете да му објаснувате дека не треба за сè да се кажува “несакам”. Најпрво направете вие разлика помеѓу одбивањето на различните работи, за потоа да можете да му ги пренесете нему.
Постојат работи за кои е дозволено да ве одбие (зелено светло), некои работи кои претходно сте ги практикувале дома и кои вам ви биле наметнати, не значи дека мора да инсиститате и вашето дете да ги прифати истите (жолто светло, променливо), додека некои работи кои детето ги одбива се строго забранети (црвено светло, во смисла на тоа дека неговото одбивање нема никакво значење).
Што во пракса тоа би значело? На пример, детето има право да не сака да си игра со некои играчки кои вие сте ги предложиле и тоа да ви го каже (зелено светло). Ако во вашето семејство има правило дека храната мора барем да се проба пред детето да одлучи дали му се допаѓа или не (жолто светло, променливо). Но, постојат и ситуации во кои вашиот збор мора да се послуша без преговори (на пример, дали ќе земе некој лек или не – ова не смее да зависи од тоа што вашето дете сака или не сака. Ова е пример каде што детското “несакам” е комплетно неважно и затоа се нарекува црвено светло).
Возвратете со иста мера
И вие имате право на свое “несакам” кога се работи за некои важни ситуации за вашето дете. Тоа на тој начин ги тестира вашите граници на толеранција. Кога ќе сфати дека “несакањето” може да биде неугодно и за него, најдобро е да го почувствува на сопствена кожа. Сепак, кога на некое негово барање вие му негодувате, важно е да бидете трпеливи и тој одговор да му го образложите. Така потсетете го дека и вие се чувствувате лошо кога детето вам ви негодува.
Игнорирајте
Кога вашето дете има напад на бес, а вашето мирно и образложно објаснување не вроди со резултати, обидете се да го игнорирате. Имено, ако тоа вриска, плаче, има напад на бес… тоа најверојатно го прави затоа што веќе има искуство дека тоа кај вас поминува. Односно, детето нашло начин за постигнување на своите цели. Затоа, кога еднаш ќе го убедите дека плачењето и бесот веќе не се доволни за да го добие тоа што сака, вашето дете ќе сфати дека треба да најде некој друг начин за постигнување на целта.
Објаснување: Иако на возраст од 2 години вашето дете не се очекува во целост да ве разбере, сепак од вашите зборови и начинот на кој вие зборувате, јасно ја пренесува пораката дали неговото однесување е прифатливо или не. Затоа користете го својот глас и зборови, став на телото така што секогаш ќе му ставате до знаење што одобрувате, што не.