Дали е нормална постојаната промена на расположението во текот на бременоста?

Апсолутно! Бременоста претставува нова состојба не само во физичка туку и во психичка смисла. Севесни сте дека детето кое ќе дојде набрзо ќе ги измени сите аспекти од вашиот живот, од емоциите, до односот со партнерот, преку кариерата, новите потреби. Сосема е разбирливо што сте оптоварени со грижата околу бременоста, дали бебето ќе биде добро, како ќе помине породувањето, како од економски аспект ќе се справите во проширеното семејство…

Без никакво влијание на вашето расположение од страна на хормоните, што е речиси невозможно, не е воопшто лесно и едноставно да се справите со сите овие грижи.


Во кој период од бременоста промената на расположението е најизразена?

Најверојатно е дека тоа се случува во текот на првото тримесечие кога се соочувате со фактот дека сте бремени. Вашата состојба ќе се подобрува до крајот на бременоста кога повторно може да се промени пред самото породување, како резултат на страв од породувањето. Стравот од породувањето можете да го надминете со тоа што подобро ќе се информирате за породувањето.


Дали е нормално во текот на бременоста постојано да зборувате за вашата бременост?

Нормално е да сте фокусирани на еден од најважните моменти во вашиот живот. Исто така е сосема нормално луѓето кои секојдневно се околу вас да се заинтересирани за вашата состојба и внимателно да ве слушаат за тоа како се чуствувате, на што се радувате, од што се плашите. Со оние кои ве сакаат и кои ги сакате сосема е нормално да ги споделувате сите ваши чувства, но најважно од се е истите да ги споделувате со вашиот партнер, преку што тој делумно би разбрал зошто вашето расположение се менува од еуфорија до солзи или депресија.
Постојаното заборавање на работите, дали тоа има некаква врска со бременоста?

Нема некои научни докази за ова, но во пракса се покажува како чест случај. Не постои простор за грижа околу тоа, користете потсетник и се ќе биде во ред.


Лоши соништа во текот на бременоста и страв дали се ќе биде во ред со бебето. Што да направите?

Лошите соништа и страв дали се ќе биде во ред со бебето е многу честа појава во текот на бременоста и настанува од фактот што секоја мајка најмногу од се на светот посакува здраво и живо бебе. Разговарајте со вашиот доктор за ова, кој ќе ве убеди дека ако резултатите од тестовите кој ги правите во текот на бременоста се добри и ако на редовните прегледи се е нормално, нема потреба за грижи.

Исто така , разговарајте со своите најблиски, како и со ваши пријателки кои имаат деца и ќе видите дека е нормално да бидете загрижени. Лошите соништа пробајте да ги избегнете со тоа што преку ден ќе бидете активни, па кога ќе дојде време за кревет ќе бидете премногу уморни за да сонувате. Совет е да ги избегнувате обилните оброци пред спиење. Ако и понатаму продолжат лошите соништа, земете книга со релаксирачка содржина и читајте, наместо да седите во темнина и да ги зголемувате вашите стравови.


Како да се справам со промената на расположението?

Разговарајте со најблиските, релаксирајте се, практикувајте работи кои ве опуштаат, прошетки, добар филм, добра книга. Бидете активни со тоа ќе ги оттргнете вашите мисли од грижите.


Дебела сум и мислам дека мојот партнер не ме сака како претходно?

Ова е многу честа мисла кај бремените жени. За ова мора да разговарате со вашиот партнер. Но, сепак прво треба вие да се прифатите и да си се допаднете сами на себе, за да може да прифатите дека и тој ве гледа како убава и посакувана жена. Продолжето да се негувате како и претходно, облекувајте се соодветно, но не и непривлечно, истакнете го она што е најубаво на вас и бидете горди на својот изглед. Разговарајте со него за тоа како изгледате, водете љубов и не го избегнувајте.

Соработка со: Bebe Boom