Иако татковците во почетокот, можеби, не се свесни за тоа, нивните бебиња и тоа како имаат потреба од нив и уживаат во нивната прегратка. Поделете ја грижата за детето со партнерката и целото семејство ќе биде во добивка.

За разлика од некогашните генерации татковци што се грижеле за финансиската благосостојба на семејството и не се мешале премногу во „женските работи“, денешните модерни татковци без срам признаваат дека сакаат повеќе време да поминуваат во воспитувањето на децата и да ги користат придобивките кои во таа смисла им ги нуди општеството. Посмело се приклучуваат на курсевите за трудници, заедно со партнерката го посетуваат гинекологот и го набљудуваат на ултразвук напредувањето на бебето или и даваат голема поддршка на жената со присуствување на породувањето. Исто како и на жените, во таа ситуација им е дозволено да користат родителско боледување и сите други привилегии што одат со тоа. Еве неколку корисни совети за татковците како подобро да се справат со својата нова улога во семејството.

НЕ НАТПРЕВАРУВАЈТЕ СЕ СО СОПРУГАТА

Мајките имаат природна предност побрзо да се зближат со детето. Тоа им го овозможува доењето, блискиот топол контакт кожа на кожа. Освен тоа, мајките по породувањето се преплавени со хормони кои ги поттикнуваат чувствата на блискост и љубов кон детето. Јасно ви е дека со таква природа не можете да се натпреварувате. Веројатно нема толку брзо да станете блиски со детето, но затоа можете да се вклучите во грижата за детето и неговата улога, што со текот на времето ќе ве зближи.

БИДЕТЕ ТРПЕЛИВИ

Природно е да чувствувате несигурност и страв додека првпат го држите детето во раце или го преоблекувате. Исти чувства имаат и мајките, па затоа тоа не треба да ве обесхрабрува. Ако во вас постои желба да бидете блиску до детето, тогаш ќе научите како да му го придржувате главчето, како да бидете нежни и како да го смирите. Бидете храбри и трпеливи и несигурноста брзо ќе исчезне.

ИМАЈТЕ СВОЈ СТИЛ

Мајките често ја преземаат главната грижа за детето. Тоа го прават природно бидејќи бебињата се зависни од нив. Често поради тоа чувствуваат поголема сигурност, па го поправаат секој чекор на таткото. Двајцата мора да знаете дека поинаку не значи и погрешно. А, таткото сигурно поинаку ќе го забавува или ќе го храни детето, погрубо ќе го крева во раце и ќе има поцврст допир, а со тоа можеби ќе ги помрдне границите на храброста на детето. Подигнувањето на мајката, од друга страна, ќе ги поттикнува нежноста, љубовта и посигурното однесување. За детето и двата начина на подигнување се важни и незаменливи за идниот раст и живот. Затоа бидете цврсти во својата улога.

ЗАБОРАВЕТЕ НА СТЕРЕОТИПИТЕ

Иако пријателите ве задеваат дека сте станале „папучар“, дека жената ве скротила или ви зборуваат дека нема да спиете и наредните десет години, не обесхрабрувајте се. Ако сакате да минувате повеќе време со детето, сакате подобро да го одгледате и да му дадете повеќе од своето внимание, чувствувате дека би требало на некој начин и да и помогнете на мајката или сметате дека на детето можете да му понудите многу важни знаења, се се тоа легитимни и важни желби што треба да ги следите. Запаметете дека и татковците се еднакво важни како и мајките, без разлика што ви зборуваат другите.

Бебе Магазин