Децата одгледувани во стабилна средина, во која често се слуша смеа, имаат големи шанси да израснат во психички стабилни и сигурни луѓе. Ако децата се „наградени“ со забавно време со семејството, кај нив ќе се развие чувство на припаѓање на заедницата.

Можеби ви е познато следното сценарио: мајка сте на две или на три деца. Со сопругот секогаш сте имале убав однос, но во последно време работите се влошуваат. Речиси немате време да бидете заедно. Сe почесто му велите на сопругот: „Не можам да дојдам, со децата сум“. И тој и вие сте фрустрирани. Постои ли помош?

Родителските должности никогаш не треба да ги занемарувате или да ги ставате во втор план. Но, од интерес е и за вас и за децата во текот на денот да обезбедите време само за мама и за тато. Така, ако најдете заедничко време за вас и за партнерот, нема да има потреба да посетувате брачен советник - проблемите сами ќе ги решавате.

Разговарајте со партнерот за вашиот брак. Испланирајте го времето, така што секој ден ќе имате неколку часа или барем еден час само за вас двајцата. Тоа нека ви стане навика. Не заборавајте дека вашата секојдневна енергија доаѓа од светот што се вика брак. Токму љубовта, вниманието и посветеноста што си ги давате еден на друг помагаат да ги надминете секојдневните проблеми.

Колку е поголемо семејството, толку е поважно да воспоставите продуктивна секојдневна рутина за да не трошите енергија на непотребни работи. Поделете ги обврските меѓу вас и партнерот за ручекот секогаш да биде на маса, забите - измиени, а куќата средена. Ако добро ги испланирате сите детали поврзани со одржување во домот, со право ќе може да барате време за вас и за вашиот партнер.

Бебе Магазин