Кога бебето ќе наполни осум месеци, потребите на неговиот организам за протеини се зголемуваат и во исхраната треба да воведете и месо. Ви претставуваме четири видови што треба да се најдат на менито на вашето дете...

Месото е главен извор на железо и на цинк. Вклучувањето месо (јунешко, мисиркино, пилешко, јагнешко) во исхраната на доенчињата - може да ги задоволи потребите за железо и за цинк, а поновите истражувања покажуваат дека децата што земаат месо најмалку четири пати неделно, имаат помалку шанси да бидат анемични.

Кои папарчиња да ги изберете?
Најдобро е белото месо.

1. Мисиpкино

Ова месо е главен извор на железо и на цинк. Железото содржано во место е многу покорисно од железото содржано во зеленчукот, овошјето, житарките и во млечните производи, зашто по термичка обработка не ги губи своите вредности.

Мисиркиното месо има 20% помалку калории и околу 75% помалку масти од пилешкото, а притоа двојно поголемо количество ниацин. Исто така содржи аминокиселина триптофан (есенцијална аминокиселина во храната), која му помага на телото да произведе серотонин, супстанција што дејствува смирувачки, а помага и за добро спиење.

Консумирање мисиркино месо се препорачува и за деца и за возрасни, зашто обезбедува енергија, превенира анемија, го потпомага растот и развојот, го контролира апетитот, обезбедува здрав имунолошки систем и благотворно влијае на нервите.

2. Пилешко

Лесно се вари, има висока биолошка вредност, има оптимална содржина на белковини - тие се 20% од пилешкото месо, што е со висок процент на витамини (особено од групата Б), тие се солиден извор на железо и на други минерали. Со седум до девет отсто масти, пилешкото е одличен извор на хранливи состојки со нискокалорични вредности.

Сто грама бело месо има 97 калории и завидно количество благородни протеини, неопходни за обновување на ткивото и за создавање хормони, антитела и ензими. Содржи и аминокиселини неопходни за функцијата на мускулите и за исфрлање токсични материи, пилешкото месо претставува неодминлив сегмент на здравата исхрана. Аминокиселината триптофан од пилешкото месо влијае на нашето добро расположение. Идеално е и за деца и за возрасни.

На дечињата им обезбедува есенцијални протеини и аминокиселини неопходни за правилен развој, а кај возрасните поволно влијае на зголемениот крвен притисок и на нивото на холестерол. Според препораките на Светската здравствена организација, поради благотворното дејство на организмот, пилешкото месо, заедно со рибата, спаѓа меѓу видовите месо што често треба да го консумирате.

3. Јагнешко

Јагнешкото месо се карактеризира со полн вкус и со фина текстура. Содржи многу важни витамини и минерали. Добар е извор на протеини, железо, цинк и на витамин Б. Благодарејќи на високата хранлива вредност, претставува основа на квалитетна и урамнотежена исхрана.

Содржи големо количество железо и витамини кои му се потребни организмот за од храната да се ослободи енергија за секојдневни активности. Збогатено со биолошки протеини овозможува енергија неопходна за раст, обнова и за грдење на организмот. Голема улога игра и во изградбата на црвените крвни клетки и за нормално функционирање на нервниот систем. Содржи и Л-карнитин неопходен за согорување масти.

4. Телешко/Јунешко

Овој вид месо има светлорозова или розова боја, меко е и без масти. Доколку е белкасто, потекнува од младо теле чие ткиво сè уште не е доволно цврсто, па е многу меко, сочно и лесно се вари. Одличен е извор на витамини од групата Б, вклучувајќи и нијацин (витамин Б3) и витамини Б6 и Б12. Содржи доста железо, а поради неговата подобра искорстливост телешкото треба да се комбинира со храна богата со витамин Ц.

Телешкото месо има повеќе нијацин и калциум од јунешкото и од свинското, повкусно е од говедското и за негово приготвување потребно е помалку време. Многу е важно во исхраната на децата, зашто лесно се вари, а притоа содржи и белковини со висока биолошка вредност. Покрај тоа е богат извор на минерални материи - калиум, фосфор, хлор, сулфур, калциум и магнезиум.

Одличен е извор на цинк, кој учествува во регулирање многу генетички активности, нивото на шеќер во крвта и брзината на создавање и на користење на енергија т.е. метаболички процеси. Одличен е извор на бакар, есенцијален елемент на многу ензими, што значи дека учествува и во многубројни физиолошки реакции како што се отстранување на штетните слободни радикали, развој на коските и на врзното ткиво, производство на пигменти на кожата и на косата.

Соработка со: Bebe Boom