Есента е време во кое децата, малку почесто отколку во другите периоди од годината, имаат зголемено течење од носот, па обично постои дилема околу тоа дали детето е болно и дали би требало да му се даваат антибиотици. Антибиотиците се лекови кои лекарот ги дава само во случај на бактериска инфекција, додека на вирусите немаат никаков ефект.

Најчеста причина за зголемена секреција од носот, посебно кај децата во предучилишна возраст,  се риновирусите, додека кај помал број на деца се работи за бактериска инфекција. Всушност бактериите од околината преку прстињата на децата многу лесно доаѓаат во носот. Тие во носот, посебно ако детето е „поднастинато„ имаат совршена подлога за брзо размножување што доведува до уште поголема количина на секрет, па во ваков случај најчесто се работи за истовремено присуство на вируси кои предизвикале секреција и бактерии кои дошле од надворешната средина.

 Уште една голема причина за течење од носот може да биде и алергиската кивавица, која е предизвикана од поленот или некој друг алерген од средината во која детето живее,а не е ни актериска ни вирусна.

Прашање е кога треба на детето да му се даде антибиотик,бидејќи рутинската употреба на антибиотикот „за секој случај„ нема ни основа ни ефект.

Слузницата на носот изобилува со ќелии од имунолошкиот систем и со антитела се бори против микроорганизмите. Ваквиот одбрамбен одговор на носот обезбедува бактериите да останат на површината на слузокожата и да не продрат подлабоко во слоевите на слузницата, па со самото тоа да не се расејуваат низ организмот. Единствено кај деца кои имаат потешки болести на имунолошкиот систем, кои за среќа се ретки, потребно е лечење.

Кај здравите деца, само течење од носот, без присуство на други потешкотии, не е потребна примена на антибиотици. Бојата на секретот (проѕирна, жолтеникава) истотака сама по себе не е доволна причина за антибиотска терапија.

Но во случаи кога детето, покрај течењето од носот, кашла, има главоболка, болка во грлото, покачена температура, неопходно е да го однесете кај педијатар, кој после прегледот и увидот во резултатите од лабораториските анализи, ќе процени која терапија е најдобра за вашето дете.