Патолошката жолтица се јавува во првите 24 часа од животот на детето, а најчести причини се хемолитичка болест на новороденото, Криглер- Најаров синдром, септикемија, хипоксија, хипокликемија. Физиолошката жолтица се јавува помеѓу вториот и четвртиот ден од раѓањето на детето и трае 7-8 дена. Кај предвреме родените деца жолтицата се јавува при крајот на првата недела од животот и трае до две недели.

Хипербилирубинемија претставува состојба на зголемување на билирубинот во крвта која може да настане од повеќе причини и тоа почнувајќи од физиолошка незрелост на црниот дроб кај новороденото, па сЕ до тешки болести на црниот дроб кои може да доведат до загрозување на животот на детето.

НАЈЧЕСТИТЕ ПРИЧИНИ

Многу болести и патолошки состојби може да предизвикаат нарушување на една или повеќе фази во метаболизмот на билирубинот и да доведат до хипербилирубинемија и појава на жолтица, која може да биде неконјугирана и конјугирана. Првиот тип (неконјугирана) се карактеризира со зголемување на концентрацијата на неконјугираниот билирубин во крвта. Кај овој тип на жолтица во урината нема наод на билирубин. Вториот тип (конјугирана) подразбира зголемување на концентрацијата на конјугиран билирубин во крвта и секогаш е патолошки тип на жолтица кој настанува како резултат на вродено или пак стекнато нарушување во излачувањето на конјугираниот билирубин од хепатоцитите во жолчните каналчиња или пак поради нарушување во истекувањето на жолчката низ жолчните канали. Кај овој тип на жолтица има наод на билирубин во урината и појава на светла столица.

ПАТОЛОШКА И ФИЗИОЛОШКА ЖОЛТИЦА

Неконјугираната жолтица може да биде физиолошка и патолошка. Патолошката жолтица кај новороденото треба навреме да се дијагностицира и да се разликува од физиолошката. Патолошката жолтица се јавува во првите 24 часа од животот на детето, нивото на неконјугираниот билирубин е повеќе од 200 микромоли/л, а кај прематурчиња (недоносени бебиња) билирубинот е повеќе од 255 микромоли/л. Жолтицата трае повеќе од 7-8 дена, а кај прематурчињата повеќе од две недели.

Постојат повеќе причини за појава на патолошка жолтица кај новороденото (хемолитичка болест, Криглер-Најаров синдром, септикемија, хипоксија, хипокликемија и други).

Најчесто кога станува збор за хипербилирубинемија кај новородено се мисли на неконјугирана физиолошка жолтица. Со самото раѓање се прекинува функцијата на постелката така што црниот дроб на новороденото презема многу од виталните функции коишто порано ги извршувал црниот дроб на мајката. Во првите денови и недели од животот на детето, во периодот на адаптација на новите услови на живот се појавува незрелоста на црниот дроб на новороденото.

Најчеста причина за појава на физиолошката жолтица е зголемено создавање на билирубин поради пократкиот век на еритроцитите на новороденото, нарушување во транспортот на билирубинот, неговото прифаќање во црниот дроб, како и намалена можност за неговата конјугација, зголемена апсорпција на билирубинот од цревата.

Физиолошката жолтица се јавува помеѓу вториот и четвртиот ден од раѓањето на детето и трае 7-8 дена. Кај предвреме родените деца жолтицата се јавува при крајот на првата недела од животот и трае до две недели.

НЕДОНОСЕНИТЕ БЕБИЊА СКЛОНИ КОН ПОСЕРИОЗНА ЖОЛТИЦА

Недоносените бебиња, бебињата со инфекција, токму поради специфичните адаптациски проблеми имаат поголема склоност да добијат жолтица. Исто така, бебињата од мајки со РХ сензибилизација, значи мајки Рх негативни што родиле Рх позитивни деца, а при тоа не добиле заштита, како и бебиња од мајки со О крвна група, а бебињата да имаат друга крвна група наследена од таткото, кај ваквите релации и состојби доаѓа до побрзо распаѓање на еритроцитите при што доаѓа до ослободување на поголемо количество на билирубин.

КОГА ЖОЛТИЦАТА Е ОПАСНА?

Доколку дојде до интензивно зголемување на концентрацијата на билирубинот во крвта може да дојде до појава на поспаност кај детето и нарушување на општата состојба.

Високите вредности на билирубин може да доведат и до оштетување на мозокот од минимални пореметувања па се до тешки енцефалопатии, кои за среќа ретко се јавуваат поради навремено следење и контролирање на билирубинот во болничките установи.