Сè повеќе бебиња и дечиња помлади од три години патат од анемија. Еве што треба секој родител да знае за ова заболување...

Во најголем број случаи анемијата кај децата не е опасна и лесно се лекува. Неправилната исхрана и премногу грицки и благи работи се главна причина за ова заболување, всушност, претставува недостаток на хемоглобин, пигмент во црвените крвни зрнца, чија основна функција е да пренесува кислород. Поради недоволното количество хемоглобин се создава помалку кислород во ткивата, што се одразува на нивната функција. Сепак, во најголем број случаи, болеста не е опасна и може многу лесно да се излекува, но и да се спречи. Постојат различни видови анемии, а најчеста е онаа условена од недостаток на железо и тој вид на слабокрвност не им задава многу главоболки ни на лекарите ни на родителите, вели д-р Јованка Коларевска, началник на Одделението за хематологија во Центарот за хематологија и онкологија на Институтот за здравствена заштита на деца и млади.

Како да ја препознаете анемијата?

Д-р Коларевска укажува на фактот дека слабокрвните деца брзо се заморуваат и обично се жалат на поспаност. Родителите забележуваат дека детето има послаба концентрација и дека послабо памети. Бледото лице не е сигурен знак, бидејќи некои деца едноставно имаат посветол тен од други. Меѓутоа, доколку родителите забележат дека детето е бледо (а не било), особено усните и слузокожата (тоа е посигурен знак за анемија отколку бледата кожа), ако е уморно, малаксано, повеќе спие и лесно се заморува, потешко се концентрира на игра или на некои мали задачи што ги добива од постарите - време е да се провери неговата крвна слика.

Дијагностика

Анемијата се дијагностицира со анализа на крвната слика, бидејќи на тој начин најсигурно се утврдува дали концентрацијата на хемаглобин е намалена. Меѓутоа постојат и други параметри што укажуваат на слабокрвност - бројот на еритроцити (црвени крвни зрнца) или показатели што ја откриваат големината на еритроцитите и концентрацијата на хемоглобин во нив. „Кога ќе се утврди дека станува збор за анемија, лекарот треба да одреди за кој вид анемија се работи“, нагласува д-р Јованка Коларевска. „Слабокрвноста најчесто се јавува поради недостаток од железо, а причина е неправилната исхрана“.

Како да го надоместите железото?

Најдобар извор на железо е месото. Го има и во црвениот и зелениот зеленчук како и во природните сокови. Меѓутоа неговата искористливост од тие продукти е послаба поради присуството на соли. Родителите треба да знаат дека месото е добар извор на овој минерал, како и сите други продукти од животинско потекло (џигери и жолчки особено). Меѓутоа, слабокрвноста не може да се излекува само со храна богата со железо, бидејќи на тој начин не се внесува доволно количество на овој минерал. Тешко се ресорбира, па посериозни облици на анемија треба да се лекуваат со препарати од железо, додека корекцијата на исхраната е превентивна и може да помогне кога се работи за поблаги облици на слабокрвност.

Причини за анемија

Причина за анемија понекогаш може да биде и ситно скриено крвавење во дигестивниот тракт, поради што се губи крв односно железо, а тоа најчесто се случува кај алергија на кравјо млеко. Исто така слабокрвност може да биде предизвикана од вродени нарушувања во градбата на цревните крвни зрнца - кога се со абнормален облик и се распаѓаат пред време. Тие болести обично се проследени со жолтица, па жолтило на кожата може да укаже на овој вид анемија.

Лекување на слабокрвноста

Недостаток од овој минерал лесно се лекува, главно со препарати од железо во облик на капки, сируп и таблети. Оваа терапија најчесто целосно ја нормализира вредноста на железото во крвта. Меѓутоа родителите често грешат и ја прекинуваат терапијата штом хемоглобинот ќе ја достигне потребната вредност, што се постигнува релативно брзо. Совет е терапијата да трае од 4 до 6 месеци, за да се создадат резерви на железо. Доколку се постигнат добри резултати, потребно е да се спроведат дополнителни испитувања за да се утврди дали постои некое друго нарушување. Децата подобро од возрасните поднесуваат препарати со железо, но понекогаш може да се јави мачнина, промена на структурата на столицата (од поретка до опстипација) промена на бојата на столицата (зелена, некогаш црна) до што доаѓа бидејќи железото не се ресорбира во доволна мера.

Природни извори на железо

Со разновидна исхрана се внесува од 10 до 30 мл железо дневно. Најбогат извор се џигер, месо, јајца, пилешко месо, риба, соја, тиква, зоб, грашок, смокви. Здрава личност без симптоми на дефицит апсорбира дневно од 0,5 до 1 мл железо. Лицата кај кои постои дефицит од железо во организмот апсорбираат и до 30% железо од храната. Во храната постојат 2 вида железо: хеможелезо и нехеможелезо. Хеможелезото е во продуктите од животинско потекло (месо, јајца, риба,џигери) а нехеможелезото е врзано со протеините во растителната храна. Најголемо количество во просечната исхрана, повеќе од 85% е во вид на нехеможелезо.