Бебињата најпрво ползат, а тоа претставува преоден облик на движење кон нивно започнување со чекорење, качување, скокање и трчање.

Најголемиот дел од децата проодуваат на 15 месечна возраст, а некои пак многу подоцна. Доколку се случи да проодат на поголема возраст, не треба да се грижите и паничите.

Секое мало дете си има свое сопствено темпо на развој и динамика на своето тело.

Веќе кон средината на втората година од животот, детето започнува да носи разни предмети со себе кои ги пронаоѓа во своето опкружување. Исто така, ужива да ги влече или турка своите играчки и кутии. На оваа возраст, започнува да трча, со поглед вперен кон подот и тешко му е да ги избегне предметите кои му се препрека.

Веќе започнува со отварање на врати и подигнување на предмети од подот. Може да се качува и симнува по скали, меѓутоа со помош на родителите и блиските. Дури и играњето кај децата сега веќе станува посложена. Со помош на коцките започнува да гради, ја тркала топката или пак ја удира а притоа учи како да одржува рамнотежа. Знае да ги прелистува страниците од книгите и списанијата а со особено задоволство ги прелистува своите сликовници со поедноставна содржина.

Започнува да црта, имитирајќи ги потезите од своите родители кои му покажуваат како тоа да го направи и при тоа влече линии по листот хартија. На оваа возраст, децата веќе ја покажуваат зачестената употреба на едната рака која е подоминатна од другата. Со ова може да процените дали детето е деснак или левучар.

Кон крајот на втората година, трча посигурно наоколу и полесно му е во секој момент и да запре, а при тоа ги избегнува и препреките. Во овој период, детето јаде со помош на лажица, и ужива во дофрлање и фаќање на топките при играње.

Развој на моториката во првите десет месеци на бебето

  • 1 до 3 месеци – Во почетокот, дланките на бебето се затвораат инстинктивно и рефлексно во тупаница при нивно допирање. До третиот месец, фатот на бебето со дланките станува помалку рефлексивен, односно започнува со контрола врз нивното движење.
  • 5 месеци – На оваа возраст, бебето веќе може да посегне по играчките, може да држи предмети во рачињата на кратко време или пак да ги става рацете во устата. 6 месеци – Веќе бебето може да следи некои движења со очите, да си ги дофати стапалата со рацете и да држи предмет со двете дланки одеднаш.
  • 7 месеци – Бебето започнува да развива способност за префрлање на предмети од една во друга рака. Започнува и да го користи палецот и показалецот при фаќање на предметите.
  • 8 месеци – Најголемиот дел од времето, бебето ги држи дланките отворени, наместо стиснати во тупаница како претходно. Веќе, самостојно може со прстите да земе мали парчиња храна.
  • 10 месеци – На оваа возраст, бебето веќе своеволно може да фати и пушти некој предмет од рацете. Прифаќа и дава играчки на домашните.

Соработка со: Bebe Boom