Иако ги сакаме најмногу на свет и им дозволуваме се и сешто, поединечни детски постапки нас понекогаш “не доведуваат до степен на лудило”. Прочитајте ја листата на тешко подносливи ситуации која е составена од страна на мајките…
Во моментите кога мајките ќе почувствуваат нервоза и мала лутина после одредени детски постапки, во тие моменти најчесто помислуваат дека самите тие некаде во родителството грешат. А потоа, во разговор со пријателките, роднините, колегите и соседите доаѓаат до заклучок дека децата навистина имаат одредни активности на кои родителите не можат секој пат да останат рамнодушни т.е смирени.
Дознајте кои ситуации поврзани со децата мајките ги имаат прогласено за најнеподносливи…
Да те прашам…
Ах, тие прашања… Тие се синоним за нашето секојдневие. Детската љубопитност скоро секогаш предизвикува насмевка на нашето лице, но понекогаш… Што е ова? Која му е намената? Кој/а е тој/таа? Што тоа значи? Во тие моменти ни доаѓа да се запрашаме, до кога веќе со овие прашања?
Мама, мене ми се оди во тоалет
Можете ли да ги изброите ситуациите во кои вие само што сте го принеле јадењето на маса и планирате да го започнете вашиот оброк, кога од некаде слушате еден мил глас директно од тоалетот? Или само што сте тргнале на прошетка и го слушате известувањето и потребата за посета на тоалет. Две минути пред да го напуштите домот вие сигурно веќе сте го прашале вашето дете дали има потреба да оди во тоалет и одговорот бил негативен… Но, сега прошетката сепак ќе мора да почека.
Ла, ла, ла…
После напорниот работен ден, многуте активности околу подготовката на оброците за детето, прошетките, капењето… најмалку што ви треба и најмалку што посакувате е често повторување на одредени звуци. Но, како за инает, вашето дете има нова песна која постојано и неуморно ја свири. Во овие моменти вие најверојатно ги одбројувате и секундите додека детето отиде на спиње.
Јас сум центар на светот!
Познати ви се ситуациите во кои вие телефонирате или подготвувате вечера, а вашето дете ве влече за нога, рака или постојано ве повикува. Вашата активност во ист тој момент мора да биде прекината и детската желба да биде исполнета. Во спротивно, неуморно ќе продолжи да ви пречи. Дали се исплати да ја тестирате детската упорност?
Ќе спијам, само…сум жеден/а
Кога ќе дојде време за спиење, листата на работи кои детето мора да ги направи пред одењето во кревет, понекогаш станува бесконечно долга. Детето мора да оди во тоалет, да си ги донесе играчките од другата соба, да им посака на сите „добра ноќ“, па дури и на играчките, да добие само уште неколку бакнежи од мама и тато, уште само неколку гушкања…И така натаму и така натаму. Сето ова знае да трае навистина долго. Што може друго да се каже, освен дека трпението треба да биде главен збор.
Мама, мама, мама, мама…
Најверојатно никогаш досега не сте се осмелиле да броите колку пати во текот на денот вашето дете го изговара зборот “мама”. Можно е дури и приближниот број вас да ве “шокира”. Понекогаш може да се случи зборот „мама“ да го слушнете неверојатни 15 и повеќе пати во текот на една минута. На ова постојано довикување одговорот е – „Молам сине/ќеркичке?”, на кое прашање најчесто после неколку секунди добивате одговор: „Заборавив што сакав“.
Високо Ц
Често се случува детето доста гласно да зборува, иако е само еден или два метра оддалечено од вас. Тогаш следат зборовите: „Те молам збори потивко“, меѓутоа таа реченица скоро никогаш нема ефект.
Мама ќе!
Иако непишано правило е дека таткото е столбот на семејството, најмногу одговори на детските прашања имаат мајките. Симпатични се ситуациите кога детето ќе помине покрај својот татко и ќе се упати кон мајката само за да таа му ги закопче пантолоните, заврзе врвките, одговори на прашањата, избрише рацете… Што да се додаде, освен дека мама е МАМА.
Разговарај со мене
Дури и кога не водите директна комуникација, вашето дете скоро секогаш нешто говори. Разговара самото со себе, со играчките… Неуморно разговара. Тишината во овие моменти ви е како мисловна именка.
Ав-ав, гррр, мјаууу
Запознавањето на животинскиот свет е многу важен период во растењето на детето. Меѓутоа, кога имитирањето на животни ќе ви стане секојдневна рутина, тешко дека ќе искочите на крај со тоа.. Кукурикање, мјаукање, лаење… И овој пат трпението треба да биде ваша јака страна…
Има ли што да се додаде на листава?
Соработка со: Bebe Boom