Кристина Арнаудова: Мајчинството ми е нова кариера

Мајчинството е најубавото и најтешкото работно место и нема ништо поскапоцено и повозвишено во љубовта од создавањето на нов живот, вели пејачката Кристина Арнаудова.

Нашата позната поп-рок пејачка, Кристина Арнаудова, пред десет месеци го роди својот прв син Максим и ја доби најзначајната улога во животот на една жена, улогата на мајка. Заедно со сопругот Александар Петровски, помошник тренер во ракометниот клуб „Металург“, уживаат во откривањето на единствената, возвишена и суштинска животна мисија – родителството. Тоа им отвора сосема поинаква димензија на постоењето, нови предизвици, вистинско исполнување и голема среќа. Најавувајќи го враќањето на музичката сцена, Арнаудова вели дека има многу планови, големи и амбициозни, а синот и ја дава најголемата енергија и мотивација за успех. Мајчинството го доживува како една сосема нова кариера, како најубавото и најтешкото работно место во исто време, но сепак вели оти нема ништо поскапоцено и повозвишено во љубовта од создавањето на нов живот.

Како ја дочекавте веста за бременоста и кои промени се случија во вашиот живот откако станавте мајка? - Иако мојата бременост беше посакувана и планирана, сепак во моментот кога се случи беше изненадување. Не можев да верувам дека во мене носам нов живот и дека ќе станам мајка. Најпрво бев сосема збунета, а потоа бев многу среќна, весела и смирена трудница. Веднаш донесов одлука да престанам со активна работа во текот на бременоста, односно со настапи и интервјуа и сосема да се посветам на она што ме чека, а притоа бебулето во мојот стомак да расте здраво, смирено и релаксирано. Промената се случува во главата, целиот ментален склоп на човекот се менува кога станува родител.

Колку е возможно да се усогласат обврските што ги имате во музичката кариера со мајчинството? - Мајчинството е една цела нова кариера. Тоа е најубавото и најтешко работно место во исто време, а усогласувањето со работните обврски е тешко за секоја мајка, па и за мене. Иако, сепак мислам дека јас сум во предност со мојата работа, бидејќи немам работно време, можам да работам кога јас сакам, а кога имам настапи тоа се најчесто навечер кога тој веќе спие. Многу им е потешко на мајките кои работат со работно време од 8 до 17 часот, па речиси целото активно време на детето мора да го пропуштат. Ние сме постојано заедно, гледам да договарам состаноци и разни обврски додека тој спие во текот на денот, па кога е буден сме неразделни. Тука се и двете баби, кои се постојано покрај нас и не дозволиле нешто да ми биде тешко или да ме совлада нервоза. Мајка ми е со нас од првиот ден кога Максим се роди и навистина им благодарам и на двете за тоа. Тој е сега веќе поголем, па јас се враќам на мојата работа активно, а благодарејќи на помошта која ја имам, тоа нема да ми биде никаков проблем.

Бебе Магазин