Андријана Јаневска: Димитар е моја животна инспирација

Растењето на мојот син не само што не ме плаши, туку интензивно го доживувам во секој момент. Она што е бесценето за мене е големото семејство. Би сакала второто дете да биде девојче, а после девојчето може какво било. Сакам да имам минимум три деца - вели пејачката Андријана Јаневска.

Андријана Јаневска, нашата позната пејачка и виолинистка, веќе неколку месеци, успешно и гордо ја игра улогата на мајка. Се чувствува прекрасно и бескомпромисно кога се работи за нејзината нова животна радост, инспирација која и дава голема волја да продолжи да твори и цврсто да посегнува кон своите животни цели и предизвици.

Во стилот на една мудра изрека: „Жената е загатка, чие решение се вика - мајчинство“, Андријана признава дека дури сега, откако го доби својот син Димитар, нејзиниот живот добива смисла.

Го цени семејството и за себе вели дека е организирана личност, па затоа воопшто не и е тешко да ги усогласи обврските околу бебето со малку одмор и релаксација. Во тоа има голема помош од својот сопруг, гитаристот на групата „Архангел“, Драган Гиновски – Гино, кој од неодамна искомпонирал и специјална песна за развеселување на малиот Димитар.

Андријана е магистер по музички науки, на отсек методика на музичка настава, редовно вработена во Македонската опера и балет, како прва виолина. Свири на пијано и е долгогодишен член на женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“. Веќе седум години предава солфеж, теорија на музика, естрадно пеење и пијано во музичкото училиште „Ентерпрајз“.

Се чини дека мајките денес успешно жонглираат со кариерата и мајчинството и успеваат да создадат баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот. Како Вие ги организирате работите и ве плашат ли обврските што допрва ве очекуваат со растењето на синот од една страна и понатамошното реализирање на професионален план, од друга?

- Јас сум многу организирана личност, па така воопшто не ми претставува проблем да ги усогласам обврските со времето за релаксација. Додека бев мала имав распоред на моите обврски во текот на денот, план како ќе ми се одвива се и што треба да завршам, па така успевам да направам баланс и да завршам се според планот. Растењето на мојот син не само што не ме плаши, туку интензивно го доживувам во секој момент. Просто, не сакам да испуштам ниту миг од неговото растење и претворање во момченце. Сето тоа само ми долева дополнителна инспирација и волја да продолжам да творам и да работам. Се друго нема веќе никаква смисла откако Димитар дојде на свет или ако повеќе сакате - дури сега мојот живот доби смисла.

Што се ви се смени во животот откако се остваривте и во улога на мајка?

- Мислам дека ќе се остварувам како мајка во текот на целиот живот. Овие месеци ми се променија приоритетите. Сега детето е на прво место, а се друго може да почека.

Како изгледаше првата средба со синот Димитар и дали сопругот присуствуваше на вашето породување?

- Бидејќи се породив во Клиниката во Чаир, правилата на болницата беа такви што сопругот не смееше да присуствува на породувањето. Кога Димитар го ставија на моите гради како да се разви некое ново чувство во мене, дотогаш непознато. Родив нежно бело суштество, но, дури после неколку месеци вистински сфатив што ми се случува.

Бебе магазин