Тоа е акутна, заразна болест предизвикана од бета хемолитички стрептококи од групата А. Оваа бактерија може да предизвика разни инфекции и воспаленија ( грло, синуси, уво,кожа, бели дробови, срце). Како ќе се манифестира болеста зависи од возраста на детето.

Инфекцијата од оваа бактерија се пренесува од болен човек, по пат на капки или контакт со инфицирана кожа. Воспаленијата се почести во зима, а најбрзо се пренесуваат во затворен простор каде има многу луѓе (градинки, училишта, интернати). Доста здрави деца во грлото ја имаат оваа бактерија и не се болни и сметаме дека таквите деца не треба да се лечат со антибиотици затоа што се здрави клицоносители, а не ја пренесуваат инфекцијата.

Инфекција со стрептококи која се манифестира како шарлах најчеста е од 3 до 12 години, многу ретко пред 3 години. Болеста може да се прележи повеќе пати ( во 5-10% од децата), а причината е што имунитетот е само делумен и тоа што клиничкиот тек се менува при антибиотската терапија, така да стекнатиот имунитет е послаб.

Инкубацијата, односно времето од почетокот на инфекцијата до појавата на првите симптоми, е од 1 до 5 дена, обично 3 дена. Обично се јавува покачена температура и до 39*C, главоболка, може и повраќање, болки во грлото, стомакот. После 1 до 2 дена се јавува и осип, што е главна карактеристика на шарлахот.

Со преглед на грлото на болното дете се наоѓа оток, јако црвенило на ждрелото, крајниците, каде може да се видат и бели наслаги. По мекото непце и ресицата може да се видат ситни точки ( петехии). При оваа болест јазикот е карактеристичен, во почетокот прекриен со бели наслаги и личи на бела јагода, а покасно нема веќе бели наслаги, туку се истакнува папилата која отскокнува и дава изглед на „малина" јазик.

Осипот е исто така карактеристичен и густ, налик на сомот. Кога ке се помине со рака преку осипот, тој се губи. Тој брзо се шири по целото тело, а најизразен е на прстите, пазувите, на долниот дел на стомакот и на внатрешната страна на натколениците. Челото и образите се црвени, а околу усните се јавува бледило.

На вратот може да се почувствуваат зголемени лимфни жлезди.

После 3 до 5 дена осипот избледува, а кожата почнува благо да се перути, чеша, а тоа може да трае подолго време. Дланките и табаните се лупат во поголеми парчиња.

Лекарот врз основа на клиничката слика може да се посомнева во оваа болест, меѓутоа правата потврда на болеста може да се утврди со наод на бактерија од брис од грлото. Меѓутоа, понекогаш и тоа не е доволно за дијагноза, па може да се направи и крвна слика за специфични антитела.

Денес ретко има компликации од оваа болест, кои можат да бидат рани или касни. Нас ни се поважни касните негнојни компликации- ревматска грозница и постстрептококен гломерулинефритис. Ревматската грозница ги напаѓа зглобовите и срцето после 18 дена, а гломерулонефритисот бубрезите после 10 дена од почетокот на стрептококната инфекција. Со правилно лечење компликациите на срцето може да се избегнат, а за гломерулонефритисот тоа со сигурност не може да се каже.

Со лечењето сакаме да ги спречиме овие негнојни компликации. Во терапијата и понатаму се употребува пеницилин, или орално, или во вид на инекции, а кај алергичните на пеницилин со замена која одговара. Во терапија денес се воведуваат и нови антибиотици чија делотворност веќе се покажала во пракса.

Терапијата трае 10 дена.

После 10 дена потребно е да се направи преглед на урината. За потреба од повторен брис на грлото после терапијата постојат различни мислења, бидејќи се смета дека го престанокот на симптомите инфекцијата е санирана.

Децата обично се опоравуваат без компликации и продолжуваат со своите активности.

СОВЕТ ОД ХОМЕОПАТИТЕ: За дете со нагло настаната висока температура, болно грло, зголемени жлезди, исплашено, немирно, со топла глава ( а ладни нозе и раце), одговара лекот Belladona. Ова е главен лек за шарлах. Спрема другите симптоми, може да се даде и лекот Rhus-tox, Am-c, Lach и др. Belladona како добро познат хомеопатски лек успешно се користи кај оваа болест повеќе од два века.